Се отвора манифестацијата „100 илјади поети за промена“

Струмица е домаќин на петтата по ред манифестација „100 Илјади поети за промена“,која ќе се одржи денеска, како дел од глобалната манифестација „100 Thousand Poets for Change“. Глобалното движење, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ го реализира петтото јубилејно издание на поетската манифестација.

Како дел од програмата во Струмица ќе се реализираат две поетски читања. Во 16:00 часот во Старото детско забавиште (над киното) – локација која е добро позната за струмичани официјално ќе започне манифестацијата „100 Илјади поети за промена“ со читање на најмладите автори, основци и средношколци од Струмица, кои претходно се пријавија на отворениот конкурс. Во 20:00 часот настано продолжува со отварање на изложба на плакати, промоција на зборникот „100 Илјади поети за промена – V“ проследено со поетски рецитали од учесниците на конкурсот, поетски видео перформанс и сценски хип хоп настап на „Пука козметика“.

На читањето ќе учествуваат поети кои се дел од конкурсот кој претходно беше објавен на тема – промени, во кој учествуваа околу 200 поети од Македонија и светот, гости поети од Египет и ќе бидат проследени со изложба дваесетина плакати кои се дел од конкурсот кој претходно беше објавен.

Манифестацијата „100. 000 поети за промена“ и во рамки неа има најавено 550 настани во над 100 земји во светот.  Поетските читања се наменети за автори од цела држава кои ја поддржуваат оваа идеја . Целта е да се мобилизираат сите поети ширум светото, а досега во Македонија се вклучува сите оние кои сакаат и имаат волја да бидат промената која сакаат да ја видат во светот или најмалку во себе и околу себе.

Темите кои се најчеста инспирација за авторите и поетите кои учествуваат на манифестацијата, обработуваат проблеми поврзани со општествениот и социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина, заштитата на планетата Земја. Проблеми поврзани со глобалното затоплување, со ранливите општествени групи. Преку овој проект треба да се согледа дали поезијата е доволно моќна да иницира позитивни промени во државите, промени во начинот на размислување, во односите меѓу луѓето.

„Да проговориме јавно за сите оние промени кои сакаме да ги видиме, а се однесуваат како на оние материјални аспекти, така и на оние духовни аспекти, за тоа дека не сакаме да има повеќе војни, геноцид, сакаме да има толеранција, разбирање, прифаќање на различностите и всушност ширење на онаа генерална, основна порака на луѓето, т.е. повеќе љубов, повеќе разбирање и прифаќање на луѓето такви какви што се“, посочуваат организаторите на настанот.