Се отвора „Конфучие институт“ во Македонија

Се отвора Конфучие Институт  во МакедонијаНа Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ наскоро ќе биде отворен „Конфучие институт“, откако деталите беа договорени меѓу скопскиот и Универзитетот во Ченгду, Кина, соопштуваат од УКИМ.

Високата делегација на кинескиот универзитет престојувала во петдневна посета на УКИМ, при што биле одржани неколку работни состаноци и во присуство на претставник на Амбасадата на Република Кина во Македонија, бил потпишан Меморандум за третата фаза за отворање на Институтот помеѓу Универзитетот во Ченгду и УКИМ, информираат оттаму.

Со Меморандумот биле утврдени завршните активности за отворањето на Институтот и конституиран е мешовит управен одбор на Институтот, а за негов претседател е избран ректорот на УКИМ проф. д-р Велимир Стојковски. Отворањето на Институтот се предвидува да се одржи во текот на септември оваа година.

Од Универзитетот “Св. Кирил Методиј“ информираат дека потпишале уште еден договор со солунскиот „Аристотел Универзитет“, за соработка во областа на образованието, науката и културата во рамките на областите застапени на двата универзитета.

Договорот е потпишан помеѓу ректорите проф. д-р. Велимир Стојковски и проф. д-р Јанис Милопоулос и предвидува размена на кадар во сите наставно-научни области, како и заедничко аплицирање до соодветни институции и организации на Европската Унија, со цел обезбедување средства и грантови во областите од заеднички интерес за двата универзитета.