Се отвора 15-тиот јубилеен „Зимски салон“ на ДЛУМ

Во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија вечерва (5 февруари) во 20 часот ќе се отвори „Зимскиот Салон“ во Националната галерија на Македонија-Објект Мала Станица.

Се отвора 15-тиот јубилеен „Зимски салон“ на ДЛУМ

Годинешниот „Зимски Салон“ е јубилеен, 15-ти по ред, а селектор е Емил Алексиев на тема „Тело што помни“.  Годинава покрај 38 домашни автори, најавено е учество на 33 уметници од десет држави: Турција, Србија, Бугарија, Косово, Р. Српска, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Црна Гора и Австрија.

„Морам да кажам дека на овогодинешниот Салон конструкцијата му ја даде претходното раководство, новото само го финишира и сето ова се случува во еден извонредно тежок период за ДЛУМ пред се од финансиска природа и други фактори. Сепак поради ентузијазмот и несебичната подршка на група луѓе од ДЛУМ оваа година Зимскиот Салон е изнесен на мускули и се приведува докрај, а со тоа е сторена „невозможна мисија“ во најпозитивен контекст сметајќи ја општата состојба на ликовната сцена во Македонија. Затоа апелирам до сите субјекти и објекти кај кои е финансиската моќ и моќта на одлучување во иднина да покажат поголем сенс за вакви проекти како што е Зимскиот Салон“, вели во своето обраќање претседателот на ДЛУМ-Сергеј Дамовски.

И оваа година на самото отворање на изложбата ќе се изведе перформанс во склоп со темата на Салонот кој е режиран од страна на Наташа Поплавска.  Како уметникот го разбира своето тело, како неговото тело станува уметничко дело, како телото на другиот станува уметничко дело, но и како телото станува „јавно тело“,  се неколку од прашањата на треба да дадат одговор авторите преку своите дела.