Се отвара Монтажната галерија на Центарот за современи уметности – Скопје

Во петок во 20:00 часот во Паркот на Франкофонијата (поранешна кафеана Опатија) во Скопје ќе биде официјално отворена Мобилна/Монтажна Галерија – нов галериски простор на Центарот за современи уметности – Скопје.

Се отвара Монтажната галерија на Центарот за современи уметности – Скопје

Според најавите, со отворањето на галеријата првенствено Скопје, но и другите градови во Македонија ќе добијат независен простор каде ќе можат да се претставуваат, презентираат и изложуваат најразлични проекти од сите гранки на културата и уметноста и каде што културната публика и граѓаните ќе имаат свој простор за размена на мислења, идеи и дружење.

„Истовремено галеријата ќе ја намали зависноста (и можностите за уценување) на независниот културен сектор од страна на јавните културни оператори без разлика дали делуваат на локално или национално ниво. Идејата за изгледот и концептот на галеријата е резултат на широка дебата и истражување спроведени во изминатите 6 месеци при што беше посочена потребата просторот да биде: мобилен, флексибилен и мултифункционален (да има можност за претсавување на повеќе форми на уметничко и културно изразување, од класични изложби до јавни дебати, перфроманси, работилници и сл)“, гласи најавата за настанот.

Самата галерија е архитектонско авторско дело на архитектите Дејан Ивановски и Филип Јовановски.

Галеријата е јавен простор/платформа, со димензии 5 х 9 метри, која што во еден момент физички може да се трансформира од потполно затворен галериски простор до отворена сцена за претстави и граѓански дебати во зависност од потребата на настанот кој се организира.

Платфромата е покриена со челична монтажна конструкција, обвиткана со мрежа во квадратен растер со димензии 2/2 цм, врамена во челични монтажни рамки. Висината на покриената платформа е 3,6 м покриена е со мек и наместа транспарентен материјал и церада. Во внатрешноста на платформата се наоѓаат изложбени панели коишто се движат на шини во горната зона и со тоа формираат флексибилен простор за изложување во внатрешноста на платформата.