Се откажува дочекот на плоштад, Град Скопје ќе ги донира средствата наменети за новогодишната прослава

Градските власти од Скопје информираат дека се откажува дочекот на Новата  2017 година што требаше да се одржи на централниот скопски плоштад „Македонија“.

„Средствата коишто беа планирани за организирање на дочекот и се во изност од околу 2 милиона денари ќе ги донира во социјални цели. Одлуката каде ќе бидат донирани средствата ќе ја донесе Советот на Град Скопје. Градот Скопје веќе 10 години наназад троши минимални средства за организирање на дочекот на Новата година затоа што забавата за граѓаните ја финасираа мибилните оператори во земјава, а годинава спонзор на забавата  требаше да биде  Македонски Телеком“, соопштуваат градските власти.

Инаку, ваквата одлука на Град Скопје доаѓа откако деновиве се отвори јавна дискусија и дојдоа повеќе апели за откажување новогодишните дочеци и пренасочување на парите за прослава. Првa потег повлече општина Велес,  соопштувајќи дека парите наменети за дочекот ќе ги донираат на социјално загрозени семејства. Од скопската општина Центар, пак, вчера рекоа дека се ревидираат договорите и правните последици за ваквата одлука.

„Настанот кој го организира општина Центар е одамна подготвен. Освен локални артисти, настапуваат и артисти од регионот со кои веќе се склучени договори и чие откажување ќе предизвика сериозни финансиски последици. Истото важи и за останатиот дел од организациските работи и логистичките трошоци. Општина Центар има целосно разбирање за овие барања. Сепак, пред да се донесе ваквата одлука, важно е да се направи сериозна и објективна анализа дали воопшто и колку од буџетот може да се заштеди и реално пренамени“, рекоа од Центар, од каде веќе неколку години наназад организираат новогодишни прослави на „Сквер Јадран“, истовремено додека трае дочекот и на плоштадот „Македонија“.