Се основаше Националниот Совет за високо образование и научно-истражувачка дејност

Денеска во Владата беше конституиран Националниот Совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, самостоен стручен орган кој треба да работи на обезбедување, оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научно-истражувачката дејност во државата.

Националниот совет има обврска еднаш годишно да ги информира Собранието и Владата за предлог мерките, решенијата и препораките што ги дал за подобрување на високообразовната дејност. Се формира согласно Законот за високо образование и е составен од 15 члена – 12 професори, и по еден член од МАНУ, од деловната заедница и од студентите.

Министерката на образование и наука Мила Царовска, на членовите на Советот им го честиташе изборот во едно од најзначајните тела за високото образование и научно-истражувачка дејност. Како што соопштија од МОН, меѓу приоритетните задачи на кои треба да работи Националниот совет се незадоволителните оценки на квалитетот во високото образование, како и прашањата поврзани со студентите како што се проодноста и нивниот стандард, а негов придонес се очекува и во подготовката на новиот Закон за научно-истражувачка дејност.

„Нашите очекувања, кратко кажано, се мошне едноставни, препознавање и насочување на расположливите ресурси во насоки со најголеми придобивки и пронаоѓање на нови кои ќе постават сигурна основа за натпревар и развој“, рече министерката Царовска.

Од МОН очекуваат дека Националниот Совет за високо образование и научно-истражувачка дејност ќе овозможи унапредување на финансиската автономија на универзитетите. Советот предлага Уредба за мерила и критериуми за финансирање на високото образование, која потоа ја носи Владата на Република Северна Македонија, врз основа на годишните финансиски планови на високообразовните установи кои содржат број на студенти, тековни трошоци, реални трошоци за спроведување на секоја студиска програма и инвестициски трошоци.

Формирањето на Националниот совет беше обврска предвидена во новиот Закон за високо образование, изгласан во мај 2018 година. Законскиот рок за негово формирање беше една година од стапување на сила на Законот.