Се ограничува движењето во шумите и шумските појаси

Од денеска до 5 август се воведува ограничување на движењето на сите лица во шумите и шумските појаси во периодот од 7 до 17 часот, соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На граѓаните ќе им биде дозволено движење по шумите во периодот од 17.00 часот попладне до 7.00 часот наутро, на сопствена одговорност за својата безбедност и со потсетување на обврската за ненанесување штети на шумата како што е палење оган на отворено.

Ова ограничување не важи за вработените во Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја, како и за организирани туристички тури на разгледување на шумите  и националните паркови кои ќе се движат во придружба на претсваник од ЈП „Македонсдки шуми“ или Националните паркови.

За непочитување на забраната  се предвидени глоби од 1.500 до 2.000 евра, посочуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Оттаму ги известуваат сите граѓани и дека е забрането палење на стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште како превентивна мерка за заштита на шумски пожари. За непочитување на одредбите од ова забрана се предвидува глоба во износ од 1500 до 3000 евра.