Во преполната свечена сала на Правниот факултет (поранешен Ректорат) синоќа по седми пат се одржаа традиционалните Ораторски средби, соопштуваат од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Вкупно девет студенти, најмногу од Правниот факултет, но и Филолошкиот и Економскиот факултет, ги презентираа своите одлични говори, отворајќи интересни прашања кои се од интерес на младите и студентите.
Деканот на Правниот факултет проф.д-р Јован Ананиев во поздравниот говор го изрази своето задоволство од ентузијазмот со кој во изминативе два месецa се подготвуваше овој настан, преку кој се поттикнува и негува слободата на говорот и изразувањето како основни услови за јакнење на демократските капацитети на општеството.
Организаторите на настанот и годинава предвидоа вредни награди за тројцата најдобри оратори, а Kомисијата во состав: проф. д-р Јован Ананиев, декан на Правниот факултет, доц. д-р Борка Тишевска, продекан за настава, доц-д-р Олга Кошевалиска, професор на Правниот факултет и Марија Манева, раководител на Центарот за односи со јавноста одлучија првата награда да му ја доделат на Дуњамин Мехмед (Правен факултет), втората награда на Никола Велков (Правен факултет) и третата награда на Ивана Атанасова (Филолошки факултет).
Покрај наградените студенти, сертификати за учество на Ораторските средби добија сите студенти учесници на овој настан. Годинава Ораторските средби ги организираше неодамна формираниот Клуб на оратори при Правниот факултет на УГД, предводен од асистентите м-р Елена Иванова и м-р Димитар Апасиев, кои им дадоа целосна поддршка на студентите во подготовката на нивните говори и настапи на Ораторските средби.
Извор: УГД