Се одржа десеттиот Марш на толеранција во Скопје

Под мотото „Викни силно против насилно“, во Скопје денеска се одржа десеттиот Марш на толеранција. Организиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права, а поддржан од повеќе невладини организации, маршот беше повик до граѓаните да го препознаат, а институциите да го казнуваат говорот на омраза и насилството.

„И покрај промените во Обвинителството, случаите кои со години ги поднесувавме, се уште стојат во фиока“, изјави активистот за ЛГБТИ права Кочо Андоновски.

Присутните побараа да запре говорот на омраза и сите форми на насилство и апелираа дека е неопходно повеќе да се работи на превенцијата за надминување на ваквите состојби.

„ Младите треба да се запознаени со механизимите за заштита на нивните права“, порача Стефани Спировска, од Младинскиот образовен форум.

Маршот се организира по повод Светскиот ден на толеранцијата. Започна денеска напладне, од Музејот на град Скопје, преку улица Македонија, за да заврши кај платото на Универзитетот на Југоисточна Европа, во Старата скопска чаршија.