Се одржа четвртата сесија на филмската училница во Кинотека

Четвртата сесија на филмската училница во Кинотека се одржа вчера, а започна со дебата за синопсисите на учесниците, помеѓу присутните и филмската и телевизиска режисерка Марија Џиџева.

Учесниците се запознаа со неколку правци и авторски генерации од светската кинематографија од ’30, ’40 и ’50 години од минатиот век, односно францускиот реализам и надреализам, германскиот експресионизам и пропаганден филм, како и италијанскиот неореализам и неговиот развој.

Од страна на директорот на Кинотеката, филмологот Владимир Ангелов беше одржано интерактивно предавање на тема трајните митови во светскиот филм низ примерот на филмот „Богатството на Сиера Мадре“, на режисерот Џон Хјустон.

Десеттина средношколци и бруцоши, на возраст од 15 до 19 години, кои конкурираа за учество на оваа уникатна филмска школа, се запознаа со основите на филмската историја и теорија, режија, сценарио, монтажа, продукција, филмска камера, актерство, сценографија, но и костимографија на филм.

„Филмската училница“ е проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Часовите се одржуваат во сабота, а проектот трае 10 недели.

Проектот е замислен како интерактивна филмска училница, каде младата популација ќе може да се запознае со нематеријаното богатство, пред сè, аудио-визуелното, и ќе добие филмска едукација од областа на историјата на филмот, запознавање со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и можност за креирање на авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија. Мотото на проектот е „Гледај филмови, учи и создавај!“.

Во реализација на проектот учествуваат и филмолозите: Александар Трајковски, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христовa, Миле Миленковски, Владимир Ангелов, Александар Василевски, Тихомир Кашмицовски, Игор Старделов и Петар Волнаровски.