Организаторите на „Boiling point festival“, закажан за оваа сабота 26 јули во Меморијалниот центар АСНОМ, известуваат дека тој е откажан.
„По консултација со надлежните институции, а водејќи грижа за општата безбедност, донесовме одлука да го одложиме фестивалот. Оваа одлука не беше лесна, но е донесена од безбедносни причини и одговорност кон сите вклучени“, соопштија организаторите.
Како главни причини за откажувањето, вела тиет, се екстремно високите температури најавени за викендот, што значително го зголемува ризикот од топлотни удари и други здравствени последици по посетителите, изведувачите и персоналот, а воедно го отежнуваат поставувањето и функционирањето на фестивалската инфраструктура и одржувањето на истиот. Воедно, посочуваат и на оотенцијална опасност од пожари, која според надлежните служби е на сериозно ниво.
„Сакаме да им се заблагодариме на сите бендови што прифатија да бидат дел од овој фестивал, како и на сите вас што нè поддржувавте и верувавте во оваа идеја“, нагласуваат организаторите.
Тие нагласуваат дека сите купени билети ќе бидат целосно рефундирани преку Друга Страна во наредните денови.
„Ова не е крај, туку само одложување. Ќе се потрудиме да го реализираме ‘Boiling Point Festival’ во некоја побезбедна и подобра околност“, стои во соопштението.