Се одбележува Светскиот ден на поезијата

Светскиот ден на поезијата-21 Март денеска во Македонија ќе го одбележат повеќе институции, Македонскиот ПЕН центар, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, издавачки куќи, поети…

Се одбележува Светскиот ден на поезијата

Во НУБ „Св. Климент Охридски“ ќе се одржи традиционалното поетско пладне на кое свои стихови ќе читаат повеќе поети: Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Илхами Емин, Ферид Мухиќ, Катица Ќулавкова, Михаил Ренџов, Веле Смилевски и други. Поетското послание од Македонија годинава ќе го упати поетот Раде Силјан.

Со овој настан, Македонскиот ПЕН центар ќе ги одбележи и јубилеите на своите членови Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Али Алиу, Богомил Ѓузел, Трајан Петровски и Паскал Гилевски.

Во Културниот центар „Феникс“ ќе се одржи Вечер на новата македонска поезија. Воведна реч за поезијата, односно на тема „Арс поетика“ ќе има Јовица Тасевски – Етернијан, а потоа ќе настапат поголем број автори – претставници на најновиот поетски бран во Република Македонија.

Со оваа вечер ќе почне циклусот од четири книжевни и културолошки манифестации кои ќе се одржуваат еднаш месечно во „Феникс“, а ќе бидат посветени на поезијата, есејот, прозата и критиката.

Поетската вечер ќе биде збогатена со изложба на поетски книги од македонски автори, изданија на „Феникс“, кои ќе се продаваат по симболични цени од 50 до 150 денари.

Светскиот ден на поезијата денеска ќе се одбележи и во Универзитетската библиотека во Битола.

Клуб Матица со викенд на вино и поезија ќе го одбележи Светскиот ден на поезијата. Во Градскиот трговски центар во Скопје поетесите Александра Велинова, Ирена Ристевска и македонскиот поет и писател Ѓорги Барбаровски, како и актерката Весна Петрушевска ќе се приклучат во одбележувањето на Светскиот ден на поезијата. Тие ќе им потпишуваат книги на посетителите на овој настан.

Вo сабота во Прилеп ќе бидат писателката Ивана Канго и Раде Силјан, како и пејачката Дани Димитровска.