Се одбележува Меѓународниот ден на човекови права

Под слоганот „Застани во одбрана на нечии права“, денеска во земјите членки на Обединетите нации (ОН) преку повеќе настани се одбележува 10 Декември-Меѓународниот ден на човекови права, а со цел подигнување на свеста за унапредување на човековите права.

Во своето обраќање до нациите, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун порача дека „Сите ние можеме и мораме секојдневно да дејствуваме во насока на унапредување на човековите права за луѓето околу нас“.

Високиот комесар за човекови права на ОН Заид ал Хусеин истакна дека „Кога некој е злоупотребен или исплашен треба да направиме чекор кон заштита на неговите права. Кога ќе забележиме дискриминација и експлоатација, можеме да се спротивставиме и да ставиме до знаење дека се противиме и бараме тоа да запре“.

Хелсиншкиот комитет за човекови права повика на солидарност помеѓу сите граѓани во земјава и отфрлање на манипулациите насочени кон омраза и поделби. „Секоја граѓанин, без разлика на неговата етничка и верска припадност или политичко убедување, може и треба застане во одбрана на сопствените и правата на другите луѓе“, рекоа од Хелсиншки.

Македонското здружение за заштита при работа го спроведува проектот „Зајакнување на партнерствата на граѓанското општество и државните институции во унапредување на правото за безбедна и здрава работна средина – Основно човеково право“.