Се очекуваат три милиони мигранти во Европа до 2017, УНХЦР бара повеќе средства за справување со кризата

Три милиони мигранти веројатно ќе пристигнат во Европа до 2017 година, со оглед на рекордниот прилив на бегалци кои пристигаат од Средоземјето, соопшти Европската комисија.

Извршното тело на Европската унија соопшти дека приливот може да има „мал, но позитивен“ ефект на економскиот аутпут на Европската унија, подигајќи го бруто домашниот производ за 0,2-0,3 посто. Комисијата предвидува дека приливот ќе го зголеми бројот на европското население за 0,4 посто.

Протокот на сириски бегалци во Европа не покажува знаци на намалување, велат од Обединетите нации.

Климата на Егејското Море стана посурова пред самиот почеток на зимата.  Сепак, тоа не ги спречува Сиријците да пристигнуваат во големи броеви, вели Peter Sutherland, специјалниот претставник за миграција на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.

Сириската војна „ги доведува луѓето до очај кога станува збор за заминување, и ќе продолжи со таквите ефекти“, извави тој за ВВС. „Ова сега е глобална одговорност, но пред сé е одговорност на Европа“.

5000 мигранти на ден кон Европа

Конфликтите и злоупотребата во Ирак, Авганистан, Еритреја и Сомалија исто така ги водат луѓето кон Европа.

Протокот на бегалци и други мигранти од Турција до Грција се очекува да продолжи со стапка од 5000 луѓе на ден оваа зима, вели агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР.

Претставувајќи ги есенските економски предвидувања на ЕУ, комесарот за економија на унијата, Pierre Moscovici изјави дека поголемата јавна потрошувачка и поголемата понуда на работна сила од легалните бегалци ќе доведе до мал пораст на БДП-то во Европската унија како целина.

Сепак, комисијата предупреди дека „несигурноста во однос на прирастот досега и неговиот иден развој се значителни“.

Европската комисија вели дека бројката од три милиони повеќе е претпоставка од предвидување, а во неа се вклучени и оние кои веќе пристигнале во 2015 година.

Од ОН велат дека повеќе од 750000 мигранти во ЕУ годинава пристигнале преку море, за разлика од вкупно 282000 во 2014 година.

Мнозинството (608000) влегле преку Грција, која стана најчеста дестинација, а околу 140000 годинава пристигнале во Италија.

Повеќето од мигрантите се упатуваат кон Германија, со надеж дека таму ќе најдат азил. Германските власти велат дека нивната земја ќе вдоми најмалку 800000 нови мигранти оваа година, а вкупниот број може да достигне 1,5 милиони.

Шведска прими најголем број на мигранти во просек од сите земји во Европската унија.

ЕУ не успева да ги снабди мигрантите со основни средства за живот

Во меѓувреме, земјите-членки на Европската унија не успеваат да ги исполнат обврските на кои се согласија во септември, а кои се потребни за итно справување со бегалската криза, пишува Guardian.

Многу малку од нив одговорија на повиците на Србија, Словенија и Хрватска да се обезбедат ресурсите кои им се потребни за да се справат со ситуацијата, според Европската комисија.

Трите земји повикаа на поддршка од механизмот за граѓанска заштита на ЕУ, проект создаден со цел да понуди практична помош на земјите кои не се во состојба да се справат со ситуацијата.

Многу од потребните предмети побарани од Хрватска, Србија и Словенија, како кревети, ќебиња, топла облека, вода и опрема за прва помош не беа доставени.

УНХЦР побара уште пари за справување со мигрантите во Македонија и земјите од Балканот

Со оглед на сé уште големите броеви на мигранти кои пристигнуваат на Балканот и сé потешките временски услови, УНХЦР денес објави повик за дополнително финансирање Македонија, Србија, Хрватска и Грција, со дополнителни 96,15 милиони долари. Со тоа итните фондови за справување со бегалската криза во Европа би достигнале сума од вкупно 172,7 милиони долари.