Се кубе коса, тешко се спие и трае цела вечност – искрен муабет со студенти за испитната сесија

Учи по 12 часа, јади колку да преживееш и ако може да не спиеш за да имаш уште два-три часа екстра време за учење, би било супер – вака отприлика изгледа еден вообичаен студентски „ритуал“ пред и за време на испитна сесија.

Но, за целиот процес да биде поднослив и да не влијае сериозно на физичкото и менталното здравје, Радио МОФ праша неколку студенти од различни факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кои ги споделија своите искуства и совети за ефективно учење.

Георги Божиновски, студент на Правен факултет

Испитната на Правен трае еден месец (официјално), односно цела вечност (во мојата глава).

Предиспитен ритуал…хмм. Побарај ја книгата каде си ја оставил на почеток на семестарот, исчисти ја од прашина, проветри ја собата, јади, наспиј се, изгледај две сезони од „Shameless“, можеби вечерта околу 23:00 ќе седнам да ги прочитам првите три теми… или страници.

Со учење обично се почнува еден месец пред првиот испит, учиш во просек околу три часа на ден. Добро, најмногу три часа на ден. Добро, добро, три часа во два дена. Без викенд. Останатото е за одмор.

Храна и пијалок: кафе и сок од портокал.

Расположение: Меланхолија, нетрпеливост, дали некогаш ќе заврши ова учење?

Совет: Учете на време, редовно, не оставајте се за последен рок. Дури и кога мислиш дека немаш за учење, најверојатно имаш. Ако доволно се одмораш, не одложуваш и направиш практичен план за како ќе го учиш секој предмет, ниедна испитна сесија нема да ти биде тешка.

Владимир Николовски, студент на Факултетот за драмски уметности

Испитна сесија на ФДУ е малце обемна ствар, бидејќи најчесто задолжителните предмети имаат практичен испит. Пример, по предметот режија секој семестар имаме период кога бираме текст кој треба да биде од одреден драматуршки период, подрачје или автори, потоа има различни параметри спрема кои треба да се придржуваме за истиот испит да биде фер спрема сите. Се истражува за авторот, се анализира текстот, се спрема концепт, се бираат глумци, се кубе коса, тешко се спие, се почнуваат проби, се нервира за термини, се пробува да се има нормален социјален живот иако премногу мислиш на претставата.

На крај, доаѓа премиера, стрес, повеќе стрес, завршува премиерата, здивнуваш. Потоа доаѓа уште еден дел, одбрана на истото дело пред професорот. Ова е само еден предмет, за актерска игра се работи истото само ти си актерот (да, режисерите имаат и актерска игра, имаат и драматургија првите две години) и драматургија се пишува драмичка или драматизира. Така што, испитната сесија на ФДУ почнува од почеток на семестар до крај хахахаха и потоа пак почнува нова, се ова го правиш додека одиш на предавања. Мака е, ама слатка мака е. Имаме и изборни предмети кои се полагаат како кај сите факултети.

Со оглед на тоа дека испитите се спремаат цел семестар мора секој ден да се бавиш со претставата. Одев на предавања сабајле, се враќав дома, ручав, интернет и музика, потоа проба, пак се враќав дома и пак го читаш текстот и пак нешто размислував за утредента за проба, и потоа е време за главење на интернет или филм/серија до саати кои не треба да се глави кога си сабајле у 9 на предавање. Практично, учењето и одморот се испреплетени и секој ден се учи и се одмара.

Храна и пијалок: Секоја можна храна што ќе ми дојде при рака и многу вода, kids, stay hydrated.

Расположение: Eуфоричен, изгубен и под многу стрес.

Совет: Помалце одложување, повеќе учење. Посвети се еднакво на сите предмети за после да не патиш кога сите твои колеги веќе дипломирале. Помалце главење до безбожни саати, спиењето е битно брат ми.

Рина Јанкуловска, студентка на Филолошки факултет

На нашиот факултет, конкретно на нашата катедра каде бројот на студенти е мал и термините се флексибилни, испитната сесија трае „до кога ќе се договориме”. Имам полагано усни испити до ден пред, или ден откако предавањата за наредниот семестар биле веќе почнати.

Најтрадиционалните делови од мојот предиспитен ритуал се: заборавање дека сесијата доаѓа, пријавување испити со казна и задоцнување и пријави искапани со солзи, како и пцуење на цел факултет, систем и држава во неделата додека трае овој процес.

Кога станува збор за самото полагање, тргнувам амбициозно со план за учење (подредувајќи ги испитите од најтежок кон најлесен и од најблизок до најдалечен) кој, секако, бива занемарен по првите два дена, за сето учење да се збие во 24 до 48 саати пред самиот испит.

Во тие ден-два пред испитот, 50% од времето отпаѓа на испаничена прокрастинација, 20% на паузи за неконтролирано јадење на сè што има дома, 20% на вистински посветено и фокусирано восприемање на материјата, и евентуални 10% на најчестата студентска грешка: „ај ќе дремнам малку па ќе станам да доучам”.

Секоја сесија е еден неколкунеделен ролеркостер на анксиозност и депресија. Со секоја наредна година заглавување на факултет, состојбиве стануваат подлабоки и подлабоки, ама барем брановите пократко им траат.

Преживување на испитниот период е многу полесно ако ја имаш среќата да запишеш факултет кој те интересира и ти значи, иако и во тој случај сепак мораш да се бориш против хаотична институција која оддава впечаток дека е создадена за да ти го загорчи животот.

Совет: Чувај си го здравјето. Нема испит на светот за кој вреди да си ги испореметиш телото и умот, колку и да се страшни стресот и притисокот.

Бисера Самарџиева, студентка на Филозофски факултет  

Испитната сесија мислам дека трае 2 недели. Со учење се обидувам да почнам две недели пред испити, да бидам искрена учам 2-3 часа на ден.

Храна и пијалок: Чипс, чај, кафе и „noodles“.

Расположение: Уморно, хахаха.

Совет: Се ќе биде океј, не е крај на свет. Никогаш не се запоставувај себеси заради испитна.

Еди Фрцовски, студент на Природно-математички факултет

Во суштина, полагањата кај нас буквално немаат крај. Има предмети што ептен на делчиња се полагаат. Некогаш знам и по 12 часа да учам, со паузи за Јутјуб или за јадење.

Различни испити бараат различен пристап. Усно, теорија, задачи + теорија, цртежи со бележење со ова, со она… Google drive is my best friend.

Храна и пијалок: Кафе ич не пијам, но ете кога имам испити пијам. Црно чоколадо исто така јадам многу. Lowkey, зависен сум. Drink water, seriously do it. Многу побитно од кафе.

Совет: Одвој време и битно е да се појавиш на испит. Обично кога ќе седнеш на столче сфаќаш дека многу си запамтил. Освен ако си фатил обемен предмет ноќта пред, ur gonna be fine. Јави се на колега/другар и повторувајте заедно. Повици по 2 саати со човек што ги има истите маки е супер работа.

Сашо Цветановски, студент на Факултет за електротехника и информациски технологии

Испитната сесија трае 20 дена. Пред испитен ритуал ми е средување на бирото за да немам никакви работи на него кои би ми го одвлекувале вниманието.

Учењето за предмет на испитна почнува по првите колоквиуми или по вторите во зависност од неговиот датум.

Храна и пијалок: Шпагети, тост, кајгана, сендвич, Нескафе или еспресо (без млеко), Кока кола, чај, многу вода.

Расположение: Едвај чекам да заврши испитнава да идам у кафана.

Совет: Минимум 6 саати спиење, добро повторување на материјалот и без паника, два саати се во прашање.

Елена Котева, студентка на Факултет за електротехника и информациски технологии

Учењето е во зависност од предметот, тежина и обем на материјалот. Отприлика 20-тина дена за потешките и пообемни предмети, 10-тина за помалку тешките. Најпрво го учам материјалот, но оставам и неколку денови за повторување пред самиот испит. Одмарам најчесто навечер, со излегување со пријатели или серија.

Храна и пијалок: Пијам мнооогу кафе, овошје и цедени сокови.

Расположение: Најчесто сум под стрес, изморена и само бројам денови до крај.

Совет: Пијте многу вода, овошје, издвојте барем половина час/час за да излезете надвор на воздух или за некоја физичка активност. Ако забележите дека сте под стрес, оддалечете се од книга и правете нешто друго за да се опуштите. И секако, верба во себе дека ќе положите!

 

Емилија Петреска

Ивана Смилевска