Се чекаат официјалните резултати од референдумот во Валандово

Се уште нема конечни резултати дали успеа референдумиот во Валандово и дали гласале 51 отсто од 10141 жител на општината.Неофицијално цензусот за малку не е исполнет, но се чека полноќ за изборна комисија да ги каже официјалните бројки.

„Ги очекуваме конечните резултати од Општинската изборна комисија, која денес и претходните денови беше под нивото на задачата и одговорноста која ја имаше. По нашите анализи и првични сознанија, и покрај целодневните притисоци,закани и опструкции, граѓаните на Општина Валандово денес ќе ја слават совесноста, и демократијата, затоа што свесно и разумно го дадоа својот глас против рудниците на смртта“, соопштија од „Спас за Валандово“.

Од иницијативата се жалат на притисоци и опструкции од локалните власти и од инвеститорот на рудникот „Казандол“, украинската компанија „Сардич“ како во текот на денешниот ден, така и во време на предизборниот молк. Набљудувачите на ЦИВИЛ пак јавуваат и проблеми со Избирачкиот список, а неколкумина гласачи се жалеле дека иако ги имало на електронската верзија на Избирачкиот список, избирачките одбори ги известиле дека ги нема на списокот и дека не можат да го остварат своето гласачко правво.

Од Општинската изборна комисија во Валандово пак информираа дека за референдумот украинската амбасада акредитирала и педесетина свои набљудувачи.