Се бараат законски измени за нереално високите патни трошоци на пратениците

Собранието на Република Македонија направи измени во Законот за пратениците и да донесе Кодекс за етика на пратениците за отстранување на проблемот со наплатата на нереално високи надоместоци за патни трошоци на пратениците, побараа од Транспаренси Интернешнл – Македонија (ТИМ) и Центарот за економски анализи (ЦЕА).

Двете организации изразуваат длабоко незадоволство поради игнорирањето на препораките на Државниот завод за ревизија, кои се однесуваат на воспоставената практика на пратениците за себе да прибавуваат финансиски надоместок за користење на приватно возило во службени цели, кој не соодветствува со нивните реални трошоци.

„Законот за пратениците предвидува право за членовите на Собранието на РМ да примаат надоместок за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели, во висина од 30% од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи. Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештаите за извршена финансиска ревизија од 2008, 2010 и 2016 година препорачал да се преиспита висината на надоместокот во насока на нејзино намалување со оглед на тоа што овие расходи се нереални и опфаќаат значителен дел од вкупните расходи на Собранието на РМ. И покрај тоа, Собранието сè уште нема постапено по препораките на ДЗР и понатаму на пратениците им исплаќа нереално високи надоместоци за патни трошоци со што значително го оптоварува својот буџет“, се наведува во соопштението.

ТИМ и ЦЕА го повикуваат Собранието да постапи по препораките на ДЗР со цел да ја отстрани можноста пратениците да добиваат надоместоци за трошоци во висина во која всушност не се направени. Истовремено, тие го повикуваат законодавниот дом конечно да го донесе Кодексот за етика на пратениците со што, според нив,  ќе се постави рамка за етичко однесување на пратениците во ситуации кога одредено однесување иако е легално, не е етичко, како во овој случај.

„Република Македонија пред себе има сериозен предизвик во обидот да се бори против коруптивното однесување на оние кои се избрани и именувани да работат во интерес на граѓаните. Затоа е недозволиво е речиси десет години да се игонорираат препораките на Државниот завод за ревизија. Работата на оваа институција е насочена кон детектирање на недостатоците во работата на институциите, а препораките во нивните извештаи даваат насока како да се делува за отстранување на тие недостатоци, Нивното игнорирање го прави залудно постоењето на ДЗР и ја саботира борбата против корупцијата“, стои во соопштението.