Се бара нова категорија на Оскарите која ќе разликува ефекти од необработени снимки

Познати кинематографери приговараат против сѐ почестата употреба на визуелни ефекти во филмовите.

Кога мислите на CGI (computer-generated imagery), веројатно помислувате на несуптилните ефекти, како роботи кои рушат облакодери или огромни експлозии, но оваа технологија сега се користи на многу начини што често нема ни да ја забележите.

„Би сакал да има две категории“, вели Роберт Ричардсон, кинематографер на филмот The Hateful Eight, кој е годинава номиниран за Оскар. Тој смета дека има „филмови кои се снимени на релативно „нормален“ начин, но и филмови кои се целосно произведени со визуелни ефекти и минимална акција во живо“.

Game of Thrones VFX

Оваа дебата најпрвин започна кога Оскарот за најдобра кинематографија во 2013 година го доби Life of Pi, филм кој е впечатлив благодарение на неверојатните визуелни ефекти.

„Едноставно повеќе не станува збор за играње под еднакви услови“, вели Ричардсон.

„Голем дел од тоа што го гледаат гледачите не е снимено од кинематограферот, туку е создадено од уметници на компјутер, режисерот кој ги упатува и кинематограферот кој работи заедно со нив. Затоа, треба да отвориме можност за еднаква и повозбудлива борба – со десет филмови и поголем опсег“, смета.

Единствената дилема според него е начинот на кој би се дефинирале филмовите.

„Тешко е да се каже колкав процент на визуелни ефекти прават филм да биде „класично“ фотографиран или не“, вели.

Зад идејата не стои само Ричардсон. Кинематограферот на Carol, Ед Лахман, кој е исто така номиниран годинава, додава:

„Сѐ потешко и потешко е да се направи таа дистинкција меѓу тоа што е оригинална фотографија и што се постдигитални ефекти и фотографија. Сѐ може да се направи доколку имате време и пари“.

Потенцијалната нова категорија не би била потег без преседан за Академијата. До 1967 година, се доделувал еден Оскар за црно-бели филмови, и еден за филмови снимени во боја.

Извор: Independent