СДСМ најавуваат укинување на екстерното од јуни, ВМРО-ДПМНЕ не дава

Oвој јуни нема повеќе да биде најстресниот месец во годината за учениците, наставниците и родителите, бидејќи новата влада уште на првата владина седница ќе го укине нелогичното екстерно тестирање, кое освен притисоци врз учениците и казни за наставниците, не донесе ништо добро за образованието, изјавија од СДСМ на пресконференција.

„Никогаш повеќе нема да дозволиме да се вршат експерименти врз учениците и да се носат ад-хок решенија кои одат на штета на учениците, студентите, наставниците и професорите, како што беше пракса досега“, изјави Петар Атанасов од Комисијата за образование на СДСМ.

На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, кои преку соопштение порачаа дека СДСМ нема право, ниту ќе има можност да укинуваат веќе реализирани проекти кои обезбедиле бенифиции за граѓаните.

„Дополнително, на СДСМ му пречи објективното оценување во училиштата. Екстерното тестирање го наруши комодитетот на нивните олигарси, кои во минатото, преку притисоци и закани кон наставниците им го завршуваа образованието на своите деца, без минимални знаења и познавања на областите кои ги изучуваа. ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивстави на тие лоши вредности од транзицијата“, стои во нивното партиско соопштение.

Од СДСМ најавија и дополнителни промени во образовните политики: Описно оценување во првите пет години на основното образование и 25 ученици просечно по паралелка, додека во средното образование, покрај класичното четиригодишно, ќе понудат опција и за двегодишно и тригодишно стручно образование за оние кои сакаат побрзо вклучување на пазарот на трудот.

За високото образование, Атанасов најави почитување на автономијата на универзитетите, преиспитување на дисперзираните студии и приспособување на студиските програми со општествените потреби.