Саудискиот блогер Раиф Бадави ја доби Сахаров наградата за човекови права од ЕУ

Саудискиот блогер и активист Раиф Бадави кој беше затворен и јавно камшикуван за критикување на верскиот поредок во Саудиска Арабија, е добитник на наградата Сахаров, највисокото признание на ЕУ за човекови права.

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, кој ја соопшти наградата ги повика саудиските власти итно да го ослободат Бадави.

31-годишниот Бадави беше уапсен во 2012 година, под обвинение дека се вклучил во отпадништво, компјутерски криминал и непочитување на неговиот татко, откако отвори веб страница на која го критикувал верското уредување во Саудиска Арабија. Во 2013 година е осуден на седум години затвор и 600 удари со камшик поради навреда на исламот. Наредната година, неговата казна се зголемила на 10 години затвор и 1000 удари со камшик, но не беше осуден за отпадништво што се казнува со смрт.

Во јануари, Бадави ги прими првите 50 удари со камшик. Неговата сопруга изјави дека тој бил во ужасна состојба и дека можеби нема да го преживее затворот. Таа со нивните три деца живеат во Канада, каде добија азил.

Случајот на блогерот и активист Бадави стана познат меѓу активистите за човекови права. Обединетите Нации, Соединетите Американски Држави и Западните сили го осудија неговото казнување, како и меѓународните организации за заштита на човековите права Амнести Интернешнл и Хјуманс рајтс воч.

Годинава, Бадави беше еден од главните добитници на наградата за слобода на говор, која се доделува од 2009 година во чест на британскиот драматург Харолд Пинтер.

Властите го затворија и неговиот адвокат Валид Абулхер, основач на групата за мониторинг на човековите права во Саудиска Арабија. Тој е осуден на 15 години затвор за поткопување на владата, поттикнување на јавното мислење и навреда на судството.

Наградата Сахаров е именувана по нуклеарниот физичар Андреј Сахаров кој го предводел развојот на хидрогенската бомба на Советскиот Сојуз, а потоа станал неуморен поборник за човекови права.

Меѓу досегашните добитници се и поранешниот јужно-африкански претседател Нелсон Мандела и лидерот на опозицијата во Мијанмар Аунг Сан Су Кји. Минатата година наградата му припадна на лекарот од Конго, Денис Муквеге кој работи со жртви на групно силување.

Меѓу кандидатите годинава беа и убиениот руски опозиционер Борис Немцов и демократската опозицијата во Венецуела.