Саудиска Арабија осуди поет на смрт бидејќи се откажал од исламот

Палестинскиот поет Ashraf Fayadh е осуден на смрт во Саудиска Арабија, бидејќи се откажал од муслиманската вера. Казната погубување му била пресудена во вторникот, јавува The Guardian.

Adam Coogle, истражувач на Human Rights Watch кој работи на Блискиот исток, за Reuters вели дека ги прочитал документите од судењето, што покажуваат „дека е многу јасно дека е осуден на смрт поради отпадништво“.

Fayadh бил уапсен од религиозната полиција на земјата во 2013 година. Во 2014 година бил осуден на четири години затвор и 800 удари со камшик. Но, пресудата била поништена после жалба и друг судија му одредил смртна казна.

Правосудниот систем во Саудиска Арабија е основан на екстремна интерпретација на шеријатското право.

Fayadh бил уапсен после исказот на сведок кој пред обвинителството изјавил дека поетот го „пцуел Господ, исламскиот пророк Мухамед и Саудиска Арабија“, како и поради содржината на збирка поезија која ја напишал во 2008 година.

Поддржувачите на Fayadh велат дека владата всушност го казнува поради објавување на видео кое ја прикажува религиозната полиција, позната како „мутавин“, како јавно камшикува човек во Абха на југоистокот на Саудиска Арабија.

Поетот е една од најпознатите личности на современата уметничка сцена во земјата, и присуствувал на настапи во Џеда и на Биеналето на Венеција пред да биде уапсен.