Саудиска Арабија ги замрзна односите со Канада по критики за уапсени активистки

Саудиска Арабија утрово објави дека ги прекинува трговските односи и инвестиции со Канада, поради „мешање“ на земјата во внатрешните работи на ултраконзервативното кралство. Потегот доаѓа како реакција на изјавата од Канадските власти дека се „многу загрижени“ за апсењето на неколку активисти за човекови права.

Саудиското министерство за надворешни работи во серија твитови соопшти дека го протерува канадскиот амбасадор, како и дека го повлекува својот амбасадор од Канада, пренесува ББЦ.

Меѓу уапсените е и американската државјанка Самар Бадави, активистка за женски права, со потекло од Саудиска Арабија. Таа веќе подолго време повикува на укинување на традицијата на „машка патронажа“ со која Саудијките за сите важни одлуки мораат да добијат дозвола од машки членови на семејството.

Канадското министерство за надворешни работи побара „итно ослободување“ на ативистите, додека саудиското министерство таквиот став го нарече „напад на кралството“.

Апсењата на активисти се во спротивност со новиот модерен имиџ кој го гради владата на чело со престолонаследникот принцот Мохамед Бин Салман. Минатата година тој доби пофалби поради укинувањето на децениската забрана за жени за возење автомобили.