Сатирична мапа на светот според стереотипите на Доналд Трамп

Бугарскиот уметник Јанко Цветков создал мапа на светот, според стереотипите кои Доналд Трамп ги кажува во своите говори.

Цветков е познат по своите мапи на „глобални стереотипи“, кои на интернет станаа толку популарни што Цветков ги објавил во две сатирични книги и во една е-книга – „Atlas of Prejudice: The Complete Stereotype Map Collection“.

 

Цветков сега создаде нова „визија на светот“, овој пат според републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп.

Во своите мапи, Цветков ги инкорпорирал сите расистички и ксенофобични искази на Трамп, како изјавата дека ќе „им забрани на муслиманите да влезат во САД бидејќи се закана за општеството“, и дека „ќе крене ѕид на границата со Мексико бидејќи имигрантите се силувачи и им ги земаат работните места на Американците“.

„Време е да се соочиме со нештата онакви какви што се: Трамп, со сиот свој потенцијал како досетлив бизнисмен, всушност го поседува менталитетот на рурален алкохоличар чие единствено искуство со политичка дебата започнува и завршува во локалниот паб.

Ако сте малку посентиментални и знаете да простите, можете да го замислите како расистичкиот чичко за кого сепак се грижите, бидејќи длабоко во срцето тој е „добра личност“. Да се биде идиот ги оправдува идиотските дела. Да се биде паметна личност која се однесува како идиот, не оправдува ништо“, вели Цветков.