Сарделиќ: Младите да имаат полесен пристап до неформалното образование

Сарделиќ: Младите да имаат полесен пристап до неформалното образованиеПодмладоците на повеќе политички партии во земјава деновиве одговарааат на прашањата на Радио МОФ за проблемите на младите, нивните приоритети и цели кои се поврзани со младите. Серијата интервјуа кои се составени од исти прашања испратени до сите партиски подмладоци, ги пренесуваме интегрално, овој пат со Симона Сарделиќ, претседателката на подмладокот на Демократската обнова на Македонија (ДОМ).

Кои се главните цели на подмладокот на вашата партија и кои се вашите приоритети?

Приоритети на МОДОМ се: демократија и човекови права, родова еднаквост, едникви можности и недискриминација, одржлива економија и зелени младински работни места, одржливо земјоделие, екологија, применливо образование, култура, соработка со сестрински организации во меѓународни рамки и сорабтка со НВО. Овие цели сакаме да ги постигнеме преку подготовка на стратегии и акциони планови за поддршка на младите, мерки за намалување на невработеноста кај младата популација, инвестиции во изградба на капацитети каде младите ќе можат да се собираат и да ги остваруваат своите социјални, културни, економски и креативни потреби. Посебно внимание треба да се посвети на здравјето на младата популација, особено намалување на ризиците од сексуално преносливите болести, инвестиции во образовните капацитети за подобрување на условите за работа и престој на младата популација и обезбедување полесен пристап кон неформалното образование.

Кои се најважните проблеми за младите во земјава?

Воедно погоренаведените се и најважните проблеми на младите во земјава, детектирани од наша страна.

Како им овозможувате на вашите членови да учествуваат во работата и управувањето на подмладокот?

МОДОМ како и ДОМ има свои органи, претседателство, извршен, централен и надзорен одбор на чии седници ги донесува своите одлуки на национално ниво. На локално ниво нашите членови се организирани во општински организации, но се активни и на состаноците на сениорите. Организираме семинари на кои се едуцираме, но и споделуваме искуства на основа на кои се темалат нашите акциони планови. Организираме предавања, трибини и улични акции, а сме учесници и на редица настани организирани од други политички подмладоци, невладини организации и фондации, како и на меѓународни настани организирани од нашите сестрински организации и мрежи кои се дел од Европските млади Зелени.Членови на МОДОМ се активни и имаат право да гласаат за одлуките и во сите тела на ДОМ, почнувајќи од комисиите па до највисокото тело, Централниот одбор.

Кои се најголемите постигнувања на подмладокот на вашата партија за 2012-тата година?

– Во март минатата година МОДОМ под уставно име стана полноправна членка на Мрежата за развој и соработка на младите европски Зелени, за време на Генералното собрание во Киев и Потпретседателот на МОДОМ, Баже Јосифовски, стана член на Извршниот одбор на истата. Имавме и промоција на Клубот на оратори на МОДОМ, кои преку готови и сопствени текстови ја пренесоа пораката „Да ги одбраниме парковите“ на Денот на планетата. Во јуни организиравме дводневен семинар на тема „Обновлива младинска енергија“ за учесници од сите општински организации во Македонија, а во септември, во пресрет на локалните избори со предавачи од Зелените од Србија и Финска организиравме дводневен семинар во Маврово на тема „Во Домот на Зелената победа“ на кој беа преставени целите, карактеристиките и резултатите на зелената кампања и зборувавме за значењето на младинскиот активизам. МОДОМ е активен поддржувач и на глобални акции како Часот на земјата, Ајде Македонија, Денот за борба против сида, и нашиот Ден на дрвото.

К.О.