„Сараево, град на филмот“ ќе поддржи филмски проекти од земји на поранешна Југославија

Сараевскиот филмски фестивал објави дека копродукциската програма на фондот за поддршка на развој на филмот – „Сараево, град на филмот“, од денеска целосно е достапна. Целта на фондот е во наредните две години да поддржи до осум долгометражни играни филмови.

Пристап до филмскиот фонд ќе имаат играни филмски проекти од земјите на поранешна Југославија и поширокиот регион. Една од целите е и да се привлечат финансиери од земјите надвор од Eurimages/Creative Europe MEDIA, како и проекти од таа територија кои бараат партнери во Југоисточна Европа.

Примарниот фокус, географски, ќе биде ставен на земјите од Блискиот Исток, Северна Африка, Источна Азија, американскиот континент и Индија.

„Земјите од нашиот регион во моментов не играат значајна улога во меѓународните копродукциски шеми. Нашата крајна цел е да се промени тоа, но пред да се случи тоа мораме да направиме потрага. Со таа цел се одлучивме на отворен, временски неограничен, повик за пријави така што ќе можеме многу брзо да ги разгледаме апликациите и да донесеме одлука за пријавените проекти без разлика во кое време кандидатите ќе воспостават одржлива структура на копродукција и ќе соберат над 60 проценти од вкупните средства што се потребни“, изјави Јован Марјановиќ, извршниот директор на програмата.

За оваа програма веќе е осигурен буџет од 400 илјади евра. Повеќе информации за програмата се достапни на веб страната на фестивалот.

Извор: radiosarajevo.ba