Санта мраз колку Луксембург се движи кон островот Јужна Џорџија – научници започнаа истражување за нејзиното влијание врз околината

Научници се подготвуваат за итна мисија на најголемата санта мраз, која се приближува кон островот Јужна Џорџија во јужниот предел на Атлантскиот Океан.

Сантата мраз која е наречена А-68А површински е поголема од Луксембург, а се разделила од замрзнатата површина во Антартикот уште во 2017 година. Оттогаш, таа полека се движи кон островот.

Сантата е ризична бидејќи може да го уништи еко-системот околу Јужна Џорџија и да се укотви во морското дно, што е дом на сунѓери, ракови и мекотели. Освен заканата врз живиот свет, сантата може да ја разлади температурата на водата преку топењето.

Истражувачите од Британскиот антарктички центар, ќе полетаат до локацијата на 11 јануари, ќе се затворат во карантин за да се осигураат дека се негативни на коронавирус, по што ќе заминат на тридневно патување до сантата со истражувачкиот брод „РРС Џејмс Кук“.

„Иако сантите мраз се честа појава, никогаш не сме ги забележиле во ваква големина, ова е прв таков случај и може да донесе комплетна промена за околината“, изјавил професорот Герант Тарлинг, биолог во центарот.

Силни океански струи ја носат сантата мраз кон плитките води на островот.

„Островот е обиколен со води полни питопланктон, ракчиња и останати видови кои се ниско на синџирот за исхрана, но се исклучиво важни за исхрана на пингвини, фоки и китови.

„Биодиверзитетот на овој регион е богат колку Галапагос“, додал Тарлинг.

Водите околу Јужна Џорџија се топли околу 4Ц, но при судир со сантата, температурата може да падне за неколку степени. Поладната температура и испуштањето на милијарди тони свежа вода во регионот може да биде катастрофална за живиот свет.

„Доколку сантата мраз го допре брегот, таа може да остане таму една деценија бидејќи е многу голема. Тоа ќе биде голем проблем“, изјавил Тарлинг.

Освен што може да го уништи екосистемот, сантата мраз може да се заглави на место каде раковите се најчести. Ваквата положба може да ги спречи пингвините и фоките во наоѓањето на храна за себе и потомствата во сезоната за парење.

Според Тарлинг, китовите може да пронајдат и други извори на храна, но големите колонии на пингвини и фоки не можат да го напуштат островот.

„Тие имаат константна база и доколку не можат да излезат да се нахранат и да се вратат набрзина, тогаш се случува голем проблем“, изјавил Тарлинг.

Откако истражувачкиот брод ќе пристигне кај сантата мраз, научниците ќе искористат шишиња и мрежи за да ги студираат животните во водата. Две роботски подморници ќе ја мерат температурата, солта и нивото на питопланктони во водата околу сантата.

Подморниците ќе патролираат на теренот околу четири месеци, ќе се издигнуваат на површината на водата и ќе ги пренесуваат измерените податоци до научниците. Со комбинирање на податоците од проучувањето, тие ќе создадат поголема и податлива слика за влијанието на сантата врз околината.

Извор: Guardian