Сан Себастијан и Вроцлав се новите европски престолнини на културата

Шпанскиот град Сан Себастијан и полскиот Вроцлав ќе ја делат титулата „Европска престолнина на културата“ во 2016 година. Ја преземаат од белгискиот град Монс и чешкиот Плзен кои годинава го славеа европското културно наследство.

Фестивали, изложби, филмови, претстави се меѓу повеќето настани во Сан Себастијан, кои ќе ја промовираат културата и образованието како инструменти на социјална трансформација. Организаторите очекуваат дека градот, кој за проектот се подготвува од 2011 година, ќе биде цел на вљубеници во културниот туризам.

Мото и основна идеја на кандидатурата на градот во трката за титулата е „Бранови на енергија“ со порака дека луѓето и мобилноста се вистинската движечка сила за промените во светот, односно ја имаат водечката улога во наоѓањето решенија за новите глобални предизвици. Сан Себастијан е пристаништен град во северна Шпанија, во покраината Баскија, и главен град на провинцијата Гипуско. Познат е и како Доностија според баскискиот назив.

Вроцлав, пак, е град во југозападна Полска кој се простира од двете страни на реката Одра. Низ градот течат четири нејзини притоки и има околу двесте моста. Градот првпат се спомнува во 1000 година при основање на Вроцлавската бискупија.

Европските филмски награди, сценски изведби во театарот Олимпијад и средбата на европските хорови се само неколку од културните настани кои идната година ќе се одржуваат во Вроцлав. Планирани се стотици различни културни случувања во рамки на програмата која организаторите ја соопштија во јуни, кога посочија дека 2016 ќе биде најзначајна година во поствоената историја на градот.

Слогани на проектот „Вроцлав – Европска престолнина на културата 2015“ се „Простори за убавина„ и „Метаморфози на културата“ – што го нагласува мултикултурниот идентитет на Вроцлав.

Европската комисија секоја година одредува почесен домаќин на овој проект. Традицијата почна во 1985 година, кога Атина беше културна престолнина на стариот континент. Целта е да се промовира чувството на заедништво во ЕУ, но на лауератот тоа му носи и пари од европските фондови, со што земјиште можат да финансираат големи проекти и програми од областа на културата. Критериум за избор е подготвеноста на градот да ги организира случувањата кои траат цела календарска година.

За изборот решева независна меѓународна комисија во Брисел, а одлуката ја носи четири години однапред. Неа ја разгледува и Европскиот парламент, а ја изгласува Советот на ЕУ.

Во 2017 година престолнини на културата во Европа ќе бидат Орхус (Данска) и Пафос (Кипар), во 2018 ќе бидат холандскиот град Леуварден и главниот град на Малта, Валета, а во 2019 се италијанскиот Матера и бугарскиот град Пловдив.