Самсунг: Престанете да го употребувате и продавате Galaxy Note 7

Јужнокорејскиот технолошки гигант Самсунг повика сопствениците на Galaxy Note 7 да ги исклучат своите смартфони додека ги истражуваат новите пријави од корисниците дека уредот се запалил.

Компанијата исто така соопшти дека ќе ги прекине сите продажби на телефонот.

Самсунг веќе повлече 2,5 милиони смартфони во септември, по поплаките за батерии кои експлодираат, а подоцна уверуваше дека сите заменети уреди се сигурни. Но, во меѓувреме, се појавија нови информации дека дури и новите телефони горат.

Човек од Кентаки, рекол дека се разбудил во спалната исполнета со чад од заменет Note 7. Неколку дена пред тоа, американски лет бил евакуиран откако нов уред почнал да испушта чад во кабината, пишува ББЦ.

„Бидејќи сигурноста на корисниците ни останува врвен приоритет, Самсунг бара од продажните места и нашите партнери да ја запрат продажбата и замената на Galaxy Note 7 глобално, додека трае истрагата“, соопштија од компанијата.

Во понеделник од компанијата инсистираа дека телефоните се безбедни за употреба.

Јужнокорејските медиуми јавуваат дека најверојатно компанијата ќе прекине со продажба на телефонот трајно.