Самостојната изложба на Билјана Билбилоска во Тетово

На 18 август во 20 часот, во галеријата на ДМУ „Тодор Скаловски“ во Тетово, ќе се отвори самостојната изложба „Неправилен ритам” на Билјана Билбилоска.

На неа ќе бидат изложени слики направени во текот на 2019-2020 година. Ќе се изложат слики изработени во техника акрил на платно и на картон. Тематски, изложбата, преку боите води дијалог со музиката. Преку аналогијата на овие две нешта, ги сместува боите и звуците во една иста рамка и на иста фреквенција. Музиката е надоврзување на сликите, своевидна екстензија, дел од просторот, иако временски несместлива во три просторни димензии. Ритамот како ликовен елемент варира од праволиниски и правилен до непостојан и непредвидлив, дисперзиран конкавно, со тенденција да ги надмине физичките рамки на платното и да ја продолжи својата приказна надвор.

За изложбата, композиторот и режисер Глигор Кондовски вели: „Прелеани бои во синкопиран ритам. Слеани во легатиран хармоничен ритам кои така поврзани создаваат неправилна ритмичка целина. Ликовна конструкција на музички момент”.

Билјана Билбилоска дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика. Ова е нејзина трета самостојна изложба. Досега групно се претставувала во Македонија, Србија, Турција, Романија, Франција и во САД. Се занимава со графички дизајн, илустрација и филм.

Изложбата ќе биде отворена за посетители до крајот на оваа недела, а ќе се влегува поединечно или максимално во група од двајца, согласно мерките за заштита од Ковид 19.