Самостојната изложба на Филип Велковски на која ќе бидат презентирани циклус на слики со наслов „Идиоми“ ќе се отвори денес во КСП Центар „Јадро“.
Оваа изложба е втора самостојна изложба на уметникот кој претходно изложувал и во Младински културен центар. Според историчарот на уметност, Владимир Јанчевски, новиот проект на Велковски, за разлика од неговиот прв проект „Лиминални фигури“ (2017, МКЦ), каде што примарен предмет на сликарското истражување е фигурата, во циклусот „Идиоми“ фокусот е на бојата, на пресекот помеѓу текстурата, и скриените текстуални и визуелни пораки, кои се откриваат под површината низ изгребаните и излупени слоеви на густите наноси боја.
„Современата култура е во знакот на новите технологии и мрежното искуство на визуелното. Но и покрај специфичните дигитални системи и носачи на информација, феноменот на сликата, различните начини на сликотворење и мотивите што стојат зад тоа остануваат голема енигма. Во ерата на „сликовниот и биокибернетички пресврт“, кога човекот го нема ексклузивитетот на создавање слики, ние сè уште сме опчинети од нив, без оглед на нивната генеза“, објаснува Јанчевски.
Филип Велковски е визуелен уметник кој живее и работи во Скопје.
Во фокусот на неговото уметничко истражување се умствените слики, соништата и маргиналната митологија. Ги користи медиумите на сликарство, инсталација и дигитална илустрација со цел да произведе измислени сценарија и субверзивни простори. Делата на Велковски се составени од густи слоеви на бои и разновидност на материјали, преку кои тој ги потенцира материјалните и метафизички аспекти на самиот медиум и нејзината поврзаност со општеството.
Делата на Филип неодамна биле претставени на XII биенале на млади уметници во МСУ, Скопје, Македонија (2018); работилницата и изложба во „Neu Neu Gallerie“ – експериментален галериски простор како дел од Documenta XIV во Касел, Германија (2017); а истата година тој ја имаше и својата прва самостојна изложба „ Лиминални фигури “ во галеријата на МКЦ, Скопје, Македонија.
Од 2012 година, Велковски работи со уметничкиот колектив КУЛА (платформа за вкрстени уметнички тенденции и инвентивни иницијативи на културната агенда на град Скопје.
Покрај неговата уметничка пракса, Филип работи и како кустос на мултимедијалниот уметнички фестивал „ Под земја полесно се дише “ во Скопје. Заедно со група уметници, тој го иницираше фестивалот во 2013 година, кој го организираат на годишно ниво. Заземајќи место во подземна гаража, целта на фестивалот е да го окупира јавниот простор и да го претвори во галерија и платформа за перформанси.
Настанот ќе биде организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Ве молиме да се придржувате кон истите. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан.