Вечерва, во Музејот на град Скопје ќе се одржи првата самостојна изложба на Ангелина Спировска насловена „Криптолити“, по повод наградата „Борко Лазески“ која авторката ја доби во 2014 година.
Во договор со семејството на уметникот Борко Лазески, музејот прифати секоја година да организира самостојна изложба на студент од Факултетот за ликовни уметности од Скопје, кој во претходната учебна година ја освоил наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел.
Делата од проектот „Криптолити“ имаат кружна форма како асоцијација на погледот низ тубусот од микроскопот низ кој Спировска открила некој, за неа фасцинантен свет на структурата на камењата (криптолити) кои ги гледала низ него.
Таа минатата година дипломирала на ФЛУ, насока сликарство со модул реставрација и конзервација. Еден семестар од школувањето го завршила на факултетот Siena Art Institute во Италија, како стипендист на американската фондација Paul Getty (2012).