Саморегулацијата е единствено решение против лажните вести, согласни и новинарите и Владата

Идејата за правење регистар и регулација на веб-порталите повторно ги поделија ставовите на новинарските здруженија и синдикати со оние на власта. Иако согласни дека справувањето со лажните вести мора да биде приоритет, денешната дискусија помеѓу новинарите и министерот за отчетност и транспарентност Роберт Поповски, по повеќе од два часа, заврши без конкретни решенија.

Владата пред два месеци го претстави Aкцискиот план, како иницијатива за борба против ширење на лажните вести и дезинформациите во медиумите и социјалните мрежи, со кои треба да се спречи нивното влијание врз демократските процеси и довербата на граѓаните во институциите и медиумите. Со Планот се најавија часови по медиумска писменост во училиштата, безбедносни мерки и протоколи со цел намалување на проток на информации, како и формирање на Акциска група за борба против дезинформациите.

За новинарските здруженија и синдикати, единствено прифатливо решение е саморегулацијата. Само така, велат тие, медиумите би воделе одговорност за информациите кои ги споделуваат.

„Лиценци и слични мерки кои би давале дозволи на медиуми да објавуваат вести не ни паѓаат на памет“, изјави Катерина Синадиновска, претседателка на Советот за етика во медиумите во Македонија. „Особено во слаби демократии како нашата не можеш некому да му забраниш да пишува вести“, надополни таа.

„Било кои порепресивни мерки и надворешна законска регулација не успеваат во овој океан од информации“, се надоврза Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинари на Македонија. „Саморегулација е единственото решение“, посочи тој.

Веб-порталите, според мнозинството новинари присутни на дискусијата сè уште остануваат најсериозен проблем и јадро на ширење лажни вести.

„Интернетот мора да остане слободен простор. Не можеме да го спречиме нивното работење, ниту пак да го забраниме присутвото на новинари од веб-портали на прес-конфренции“, заклучија од ЗНМ.

Сепак, според дел од присутните, саморегуларијата е нестабилна опција, поради недоволната амбиција и способност на дел од новинарите, таа не гарантира подобрување на ситуацијата, а медиумското описменување на граѓаните нема да донесе промени веднаш.

Министерот Поповски изјави дека од Владата нема да прават ништо што нема да дојде на предлог од новинарските здруженија, организации и од новинарите, но додаде дека е потребно побрзо да се уредат проблемите во медиумската сфера.

„Мене ми е драго што сте во фаза на изработка на регистарот на онлајн медиуми. Но, верувајте, ми се чини дека тоа трае предолго. Проблемот кој се јавува во сферата на социјалните комуникации е огромен. Владата, која ја претставувам никогаш нема да прави чекори кои ќе предизвикаат револт или проблем. Но сакаме брзи решенија. Но ние нема да правиме ништо, доколку тоа не дојде како предлог од организациите, здруженијата и од еснафот, кој точно знае да препознае кој навистина заслужува да се бави со оваа професија“.

На дебатата беа разгледани компаративни искуства поврзани со регулирање или саморегулирање на новинарската професија.