За само 744 денари детски додаток од државата месечно родителот треба да помине скапа, но и мачна процедура, собирајќи документи од десетина институции, објави СКУП Македонија.
„Мојата ќерка се вика Сена. Живее со мене. Веќе една година сум без работа, а од државата не добивам ни пет денари. Се обидував цела година, одев постојано да молам по институциите за да ми помогне некако државата. Нема каде не одев. Работев во една приватна болница пет години. Ме избркаа бидејќи моето малолетно дете кога беше многу болно немаше кој да го чува. Се обратив во Центарот за социјални грижи со документот од кој се гледа дека сум добила отказ. Од таму ми рекоа дека не ги интересира што веќе немам работа бидејќи моето дете примало 2.000 денари алиментација од таткото Суад. Ниту дошле ниту прашале дали јас навистина ги земам тие 2.000 денари“.
Ова е животната приказна на триесетичетиригодишната Тереза Христова од Скопје, која апелира да и се помогне со бесплатна правна помош од адвокат бидејќи таа е невработена и не може да си ги плати ни сметките. Приказна многу слична на животните приказни на уште голем број самохрани мајки и еднородителски семејства во Македонија. Заглавени во лавиринтот на институциите, постојано бараат помош. Социјалната помош е мала, а при тоа потребно е да се исполнети одредени услови. Па така, за само 744 денари детски додаток од државата месечно родителот треба да помине скапа, но и мачна процедура, собирајќи документи од десетина институции. Но, и да се добие оваа сума, детскиот додаток не е доволен да ги покрие основните трошоци.
Парите не се единствениот проблем. Родителите кои се дел од еднородителски семејства се ограничени да работат во две смени бидејќи градинките работат само во прва. Ова го стеснува изборот на работни места на кои родителот може да конкурира на пазарот на трудот – пред се бидејќи голем дел од работите предвидуваат повеќе од една смена. Понатаму, деновите за боледување се недоволни, а работодавците немаат минимум толеранција доколку родителот ненајавено не може да се појави на работа дури ни за еден ден. Дополнително, овие семејства се соочуваат и со ненајавено прекинување на здравственото осигурување, па така се принудени на приватно лекување кое е многу скапо и за најголемиот дел недостапно.
Еднородителските семејства барајќи помош и помагајќи си едни на други, го создале здружението „Една може“. Бесплатни совети, психотерапевтска помош, правна помош, решавање на станбени прашања, собирање на парични средства за да се подмират стопираните сметки на членовите, чување на деца едни на други, барање и наоѓање работа се само дел од она што го нуди здружението, а родителите не го добиле од државата.
„Лани реализиравме истражување за детскиот додаток. Според истражувањето, жените сами мораа да ги обиколат сите институции и шалтери во оваа земја, па да си извадат документи, да платат многу пари, а тие пари да не им бидат вратени ни после една година на користење детски додаток. На еднородителски семејства од разведени родители им следува детски додаток со тоа што доколку е мајката невработена до скоро не можеше да има право да поднесе документи за да зема детски додаток. Но, ако сте невработена, ако сте и самохрана мајка, па и го немате правото на тие 700 денари, не знам за која еднаквост зборуваме во ова општество“, вели Дороти Пачкова, претседателка на здружението „Една може“, кое брои повеќе од 3000 членови.
Во Македонија недостасуваат 24 часовни сервиси за помош, недостасуваат градинки во повеќе смени, како и приоритетни запишувања во нив на деца од еднородителски семејства, но и предност во вработувањето. Самохраните мајки не само што немаат приоритет на пазарот на трудот, туку и се стигматизирани при барање на работа, а неретко и омаловажувани. Работодавците најчесто го делат ставот дека тие не можат да се посветат доволно за да бидат успешни и способни да донесат профит за компанијата.
Савка Тодоровска од Националниот совет на жени вели: „Во нашето општество поголем број невработени се самохрани мајки. Можеби е тоа стереотип, па нашата организација се грижи за надминување на стереотипи. Но, во ситуација каде што мајката самата се грижи за децата, неопходни се сервиси, неопходна е помош за да може таа да ги надмине сите овие проблеми кои што се всушност секојдневни и целодневни. Затоа мојата порака до општеството е отворање на сервиси од сите видови кои ќе можат да им ја олеснат работата на мајките да го надминат проблемот за грижата на децата за да можат да заработуваат и да не бидат на социјална помош“ вели таа.
Евгенија Јанакиеска
Рашо Радулов
Целата сторија може да ја прочитате на следниот линк.