Само со „свежа крв“ и технологија може да се спасат македонските шуми од пустошот

Мал број инспектори, недостаток на теренски возила и опрема, несоодветни кадри и испреплетени ингеренции се дел од главните проблеми кои го оневозможуваат ефективниот надзор врз управувањето со шумите во Северна Македонија.

Трајче Ангелов од Државниот инспекторат за шумарство и ловство на онлајн дискусијата насловена „Како до подобра контрола врз управувањето со шумите“ посочи дека во Инспекторатот се вработени 14 инспектори за шумарство, кои се надлежни за околу еден милион хектари шумска површина и кои треба да контролираат околу 300 субјекти регистрирани за обработка на шумски производи и трговија со дрвја. Со толку инспектори, тој вели дека не може да одговорат на предизвиците кои се појавуваат низ цела држава.

„Сега се соочуваме со проблем со недостаток на теренски возила. Со 6-7 возила не можеме да го покриеме теренот. Особено имајќи предвид дека од седиштето на инспекторот надзорот мора да се врши на 120 километри оддалеченост, планински предел, па така е отежнато функционирањето на колегите инспектори“, рече тој.

Дополнителен проблем според Ангелов е што инспекторите до минатата година речиси воопшто не биле опремени со технолошка опрема.

„Просечната возраст на вработените во Инспекторатот е 54-55 години. Нас ни треба свежа крв. Тоа е реалноста и тоа се фактите. Нас нè гази времето. Мора да бидеме реални. Ние имаме млади колеги кои седат на бирото за вработување и ни треба таа свежа крв. Ние да им го пренесеме нашето искуство, а и тие да донесат нешто ново“, рече Ангелов.

Тој истовремено се надева дека Инспекторатот во иднина ќе учествува во измените на Законот за шуми и законот за шумарска и водна инспекција, бидејќи, како што рече, сега се заобиколени при подготовка на легислативата.

„Не можеме да кажеме дека е розово. Шумите одат. Бесправните сечи делумно се намалуваат последните години. Ние имаме шумочуварска служба која не ги покрива сите реони, но имаме и шумочувари кои немаат соодветно образование. Не се шумарски техничари, туку луѓе од други насоки – електричари, текстилци“, посочи тој.

Горан Трајков, командирот на Шумско-полициската станица во Штип, објаснува дека според Законот за шуми четири различни институции ги штитат шумите – Шумочуварската служба, Шумската полиција, Инспекторатот за шумарство и ловство и МВР. Тоа, според него, довело до четири послаби институции, кои немаат доволно средства, а се соочуваат и со вкрстени надлежности при вршење на работата.

„Од формирањето на Шумска полиција во 1998 година па до денес функционираме како да си играме полиција. Една полиција не може да функционира без основни средства за работа, без возила и гориво, без униформи, ИТ опрема, приклучок на интернет“, рече Трајков.

За справување со бесправните сечи тој вели дека вработувањата во овие институции мора да бидат со професионални и стручни кадри од шумарството. Неопходна е и набавка на дополнителни возила, но и опремување на институцијата со современа технолошка опрема.

„Зошто да не се набават дронови, кои толку многу ќе помогнат на шумската полиција? Со нив, за едно кратко време можеме да имаме мониторинг на голем дел површина на теренот, со современи камери да се фотографираат лицата. Судовите ги прифаќаат фотографиите и лесно ќе може да ги заловуваме ваквите дрвокрадци“, потенцираше Трајков.

ФОТО: ИКС

Јавното претпријатие „Национални шуми“ во 2020 година утврдиле дека бесправно биле исечени околу 26.000 метри кубни дрва. Во меѓувреме одземени се околу 1.500 метри кубни дрва од непознат сторител, а околу 500 метри кубни дрва се одземени од познат сторител“, рече помошничката директорка на „Национални шуми“ Маре Басова.

Владимир Стојановски од Факултетот за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинжинеринг „Ханс Ем“ изјави дека се потребни промени и во високото образование во шумарскиот сектор, каде што недостасуваат теми за формулирање и спроведување на шумарски политики, за улогата на шумарството во зачувување на биодверзитетот и други теми.

„Мора да ги едуцираме сегашните и идните генерации дека шумите и шумските системи се од огромно значење за нашиот опстанок. Ова не е огромна инвестиција, а мора да почнеме од денеска. Да бидеме свесни за потребата од спроведување на соодветна карбонска политика“, порача Стојановски.

Според Саша Јовановиќ од Секторот за шумарство и ловство при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, поразително е дека 71 процент од граѓаните користат дрво како примарен или секундарен извор на енергија за затоплување и најави дека се подготвуваат прописи со кои треба да се зајакнат контролните механизми при сеча на дрва.

„Ќе побараме да постои електронско следење на регистрираните фирми за стопанисување со дрва, а граѓаните ќе можат со апликација да видат дали некое возило кое пренесува дрво го прави тоа легално и да го пријави ако е нелегално. Со измени ќе побараме да имаме и 24-часовен видео надзор над стовариштата за дрва“, изјави тој.

Панел дискусијата „Како до подобра контрола врз управувањето со шумите?“ беше организирана од Асоцијацијата за демократски иницијативи, во соработка со Институтот за комуникациски студии, како дел од кампањата „Разбистри сè“. Целата дебата може да ја погледнете на следниов ЛИНК.