Само две средни училишта имаат прилагодени компјутери за ученици со посебни потреби

Само две средни училишта во Македонија користат некаков асистивен уред или софтверско прилагодување со што им се олеснува користењето на компјутерот на учениците со посебни образовни потреби, покажува истражувањето за примената на асистивната технологија во средното образование спроведено од граѓанското здружение „Отворете ги прозорците“.

Според истражувањето кое е спроведено во 72 средни училишта во периодот од јануари до март 2014 година, во 45 училишта има барем по еден ученик со посебни потреби, од кои најголем број се со комбинирана попреченост во развојот. Една четвртина од овие ученици се соочуваат со тешкотии или воопшто не можат да ја користат стандардната компјутерска опрема. Наспроти ова, повеќе од половина од средните училишта сметаат дека учениците со попреченост се стекнуваат со предвидените знаења, што претставува добра основа за понатамошно развивање еднакви можности за сите деца, велат од „Отворете ги прозорците“.

„Приоритетна потреба на училиштата се обуки за наставниците, психолозите, педагозите и дефектолозите за работа со ученици со посебни образовни потреби и тоа не само во делот на адаптираните компјутерски уреди, туку и обуки за рано откривање на децата со попреченост и прилагодување на наставните планови и програми кон нивните индивидуални потреби“, вели Радмила Стојковска Алексова, дефектолог и раководителка на Центарот за асистивна технологија при здружението „Отворете ги прозорците“.

Истражувањето покажало дека дури 60 средни училишта кои биле вклучени во истражувањето не ангажираат дефектолог на каков било начин. Само три училишта имаат вработено дефектолог со полно работно време. Оттука, во училиштата требаат стручни тимови кои предводени од дефектолог ќе го водат развојот на учениците со посебни потреби. Од „Отворете ги прозорците“ забележуваат дека изведувањето на екстерните и матурските испити не е прилагодено на потребите на овие ученици и предлагаат да се воведат мерки за подготовка и изведување на овој испит.

„Со воведување аситивна технологија во наставата значитечно ќе се подобрат условите во образованието и можностите за постигнување повидливи резултати кај учениците со посебни образовни потреби“, вели Маргарита Гулевска, соработник за комуникации и проекти од „Отворете ги прозорците“.

Здружението веќе пет години го спроведува проектот за воведување на асистивната технологија во училиштата со цел да се создадат соодветни услови за вклучување на учениците со посебни образовни потреби во редовното образование.

Со финансиска поддршка од УСАИД, средните училишта „Орде Чопела“ од Прилеп и „Браќа Миладиновци“ од Скопје се опремени со асистивна информатичка технологија со која по спроведените обуки, успешно се служат 14 ученици со посебни образовни потреби.

Елена Цветковска, студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста