Огромни шумски пожари во источна Русија, кои зафаќаат 680.000 хектари, нема да можат брзо да се изгаснат, предупредуваат од рускиот огранок на Гринпис и проценуваат дека само дождови ќе можат да помогнат.
„Големи делови на Јакутија горат сега. Таму само дожд може да помогне“, рече Григориј Куксин, шеф на Гринпис Русија за шумски пожари, пренесе Интерфакс.
Ситуацијата тешко дека ќе се подобри пред средината на август во особено погодениот регион Јакутија (официјално Република Саха) каде горат најлошите пожари во најголемата земја во светот.
Пожарникарите објавија дека во моментов се активни 205 шумски пожари.
Според податоците на Воздушната служба за заштита на шумите, областа каде што се активни пожарите во вторникот опфаќала околу 680.000 хектари.
Околу 2.100 пожарникари се борат со пожарите во обид да спречат да се прошират во локалните населби, рече Куксин.
Гринпис верува дека ситуацијата во Русија сега е полоша отколку што признаваат властите. Сателитски снимки покажуваат пожари кои сега зафатиле три милиони хектари во Русија.
Воздушната служба за заштита на шумите наведува податок од два милиони хектари.
Гринпис наведува дека жителите на бројни населби и места во Русија се борат со густ чад и имаат тегоби. Во Јакутија, концентрацијата на опасни честички во воздухот е над дозволените граници, вели Куксин.
Многу шумски пожари се предизвикани од небрежност, предупреди тој, споменувајќи пожари кои излегуваат од контрола и се предизвикани од фрлени отпушоци од цигари.