Само 13 отсто од океаните се недопрени од луѓето – засега

Само 13 отсто од океаните на планетата не се под влијание на човековите активности, како што се риболовот и загадувањето, според неодамнешна студија од Друштвото за заштита на дивиот свет.

Студијата, објавена во „Current Biology“ и направена заедно со Универзитетот во Квинсленд откри дека единствените недопрени делови од глобалните води може да се најдат во заштитените делови на Тихиот Океан и околу половите. Но, дури и овие води се претвораат во небезбедни територии за дивите морски животни.

Истражувањето доаѓа по студиите во јануари и февруари, кои открија дека стапката на смрт на дивите морски животни се зголемила четирикратно од педесеттите години, а индустриските риболовни области сега покриваат половина од светските океани.

„Бевме зачудени од тоа колку малку морска дивина останува”, изјави Кендал Џонс, водечки истражувач на проектот.

„Океанот е огромен, покривајќи над 70 проценти од нашата планета, но успеавме значително да влијаеме на речиси целиот овој огромен екосистем”.

Ова се должи на огромните рибарски флоти, глобалните испораки со брод и загадувањето од земјата, на што се додаваат и климатските промени. Сепак, само 5 проценти од останатата дивина што се наоѓа во океанот престојува во заштитени морски области.

Како одговор на зголемениот притисок на научниците да се донесе статус на заштита за морињата, Обединетите Нации планираат преговори за создавање на договор во септември 2018 година. Дебатата ќе се фокусира околу намалување на субвенциите за риболов вредни повеќе од 4 милијарди долари од владите низ целиот свет.

Научниците предупредуваат дека најголемиот дел од морската дивина може да ја снема во било кое време, бидејќи подобрувањата во технологијата ни дозволуваат да ловиме подлабоко и да возиме брод подалеку од кога било досег.