„Самит“, „Диви момчиња“ и „Пеперутки“ вечерва ќе го затворат Скопје филм фестивал

Вечерва со проекциите на филмовите „Самит“, „Диви момчиња“ и „Пеперутки“ завршува 21. издание на Скопје филм фестивал.

Годинава публиката имаше прилика да погледне повеќе од 50 нови филмови, од кои голем број биле дел од големите светски фестивали или го свртеле вниманието на критиката со иновативниот израз и авторски пристап.

Тие беа распоредени во програмите Фокус на француски филм, Програма на авторски филм, Програма на европски филм, Панорама на светски филм, Квир фокус, Кратки филмови, Македонска продукција и Ретроспектива на Алфред Хичкок, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, промоции и дискусии. Селектори на програмите беа Татјана Јаневска, Навид Сарем, Владан Петковиќ  и Алексеј Дмитров.

Годинава имаше две големи премиери: на новиот македонски игран филм „Година на мајмунот“ во режија на Владимир Блажевски и на документарниот филм за Шабан Трстена „Кобра“ во режија на Игор Иванов Изи.

Исто така, публика имаше можност да ја види скопската премиера на краткометражниот филм „Види ја ти неа“ што победи на престижниот фестивал Санденс, на режисерот Горан Столевски, како и уште неколку премиери на кратки македонски филмови на режисерите Милиана Ленак, Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов, Батухан Ибрахим и Ханис Багашов. Исто така беа прикажани и филмовите „Последните камбани“ на Николче Поповски и „Македонскиот Дон Кихот“ на Константин Плевнеш. 

Покрај ова, фестивалот годинава имаше поголем број гости, од Турција дојдоа режисерот Мајкл Ондер, Јосеф Еревчик Амадо, продуцент, актерите  Кенан Ече, Дамла Сонмез, Берк Хакман, Емре Јетим и Незих Чихан, од Франција гостуваа селекторот Навид Сарем, кој ги избра филмовите од програмата Фокус на францускиот филм, режисерите Леа Мисиус и Кристоф Режин и продуцентката Фани Ивоне. Тие одржаа работилници и одговараа на прашања на публиката.

Од оваа година, Скопје филм фестивал започна со реализација на новата програма „Квир фокус“ во која беа прикажани филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор.. Селектор на оваа програма беше Александар Ковачевски.

Во рамки на оваа програма се одржа и промоција на книгата „За засрамените геј мажи“ и предавање и дискусија со Станимир Панајотов  и Жоао Флоренсио за квир кинематографијата.

Во рамки на годинашното издание на Скопски филмски фестивал во се одржа работилница за снимање на нискобуџетен филм со режисерот на „Таксим холден“,  Мајкл Ондер и продуцентот на филмот, Јосеф Еревчик Амадо.

Работилница „Како се пишува, режира и продуцира прв игран филм“ одржаа  француските режисери Леа Мисиус и Кристоф Режин и продуцентката Фани Ивоне.

Скопје филм фестивал за својата публика подготви ретроспектива на големиот Алфред Хичкок во чии рамки беа прикажани филмовите „Туѓинци во возот“, „Ребека“, „Заден прозорец“, „Психо“ и „Птици“.

Фестивалот се одржа со поддршка од Агенцијата за филм на Република Македонија, кината „Милениум“ и „Фросина“, Кинотека на Македонија и ЕСРА.