Сакаме Аеродром да дише: Безбедноста на Аеродромци загрозена од огномет во Капитол

Здружението на граѓани Сакаме Аеродром да дише реагира на користењето на небезбедна пиротехника, испукана од улицата пред трговскиот центар „Капитол“. Како што велат, огнометот бил испукан веднаш до детско игралиште и можело да загрози било кого од случајните минувачи.

„Вчера, околу 9 часот, во непосредна близина на трговскиот центар „Капитол“ во Аеродром, оддекнуваше огномет. Како што може да се види на видеото во прилог, огнометот беше испален насред улица и покрај детско игралиште преполни  со луѓе и деца, директно загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните и кршејќи го законот за јавен ред и мир“, реагира „Сакаме Аеродром да дише“.

Тие велат дека иако се работи се опасно пиротехничко средство, од општината немало никакво предупредување или реакција. Огнометот траел десетици минути, а додаваат и дека ги вознемирувал граѓаните и ги доведувал во животна опасност сите оние кои се наоѓале во близина.

„Општината не испрати предупредување, ниту презеде било какви безбедносни мерки, иако огнометот беше испален во населено и фреквентно место. Го прашуваме Ивица Коневски зошто дозволи вчера да се загрози безбедноста на бројните луѓе и деца кои се наоѓаа околу трговскиот центар „Капитол“? Ставањето на животот на граѓаните во опасност преку користење на експлозивни материјали е недозволиво и противзаконско“, пишуваат од граѓанската организација.

Тие бараат организаторите на огнометот веднаш да бидат казнети согласно Законот за јавен ред и мир, а општината да објасни зошто не ги превзема потребните мерки.