„Сакам да пробувам и да се развивам во полето на 2Д илустрациите“ – #ИнстаИлустрации со Ѓорги Атанасовски

Ѓорги Атанасовски од Битола во изминативе 15 години има изработено над 500 2Д игри за домашни и странски компании. Тој професионално се занимава со 2Д уметноста како аниматор и концепт уметник.

„Кога почна короната, за време на изолацијата имав повеќе време, па ги нацртав сите карактери од серијалот ‘Преспав’ како супер херои. Испадна интересен личен проект кој заврши само со буквално големи познанства и пријателства од нашата естрада“, се потсетува тој.

Атанасовски претежно црта cartoon карактери кој низ годините некако го дефинирале неговиот личен стил, но сака да експериментира и со нови, поинакви стилови.

„Тоа е бидејќи сакам да пробувам и да се развивам во полето на 2Д илустрациите“, истакнува тој, додавајќи дека илустрацијата за него е начин да прикажува нешто интересно и смешно.

Во моментов работи на неколку проекти кои меѓу другото вклучуваат изработка на 2Д игра за австралиски клиент, како и на НФТ карактери.

„Сè се движи околу карактери, анимација, игри, текстурирање кај мене“, се пошегува тој.

Атанасовски е уште еден артист кој се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од неговите илустрации: