Сајбер напади ја прекинаа дистрибуцијата на американски весници

Хакери ги нападнале софтверите на весникот „Лос Анџелес Тајмс“ и на неколку други американски весници, предизвикувајќи одложување на продукцијата и проблеми со нивната дистрибуција, објави „Раша тудеј“.

Сајбер нападот, како што се наведува, почнал во четвртокот доцна вечерта и не можел веднаш да биде решен. Поради тоа во текот на вчерашниот ден дошло до доцнење во продукцијата и испораката на весниците, изјавил извор упатен во истрагата за весникот „Лос Анџелес Тајмс“.

Нападот доаѓа од странски субјект кој има за цел да ја оневозможи инфраструктурата, поточно серверите, а не да ги украде податоците, објаснил изворот на весникот. Деталите за тоа каде се наоѓаат хакерите остануваат нејасни.

Според информациите, хакерите успеале да ги исклучат клучните софтверски системи што ги чуваат вестите, фотографиите и административните информации. Попречувањето го наруши процесот на печатење, предизвикувајќи доцнење на објавата на документите.

Покрај „Лос Анџелес Тајмс“, погодени се и „Сан Диего Унион-Трибјун“, „Чикаго Трибјун“, и неколку други весници. Сите тие ги делат софтверските системи на медиумската компанија „Трибјун Паблишинг“, која претходно ја поседуваше „Лос Анџелес Тајмс“.