Саем за вработување во вторник, во СЦ „Борис Трајковски“

Саем за вработување во вторник, во СЦ „Борис Трајковски“Утре (14 октомври) во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се оддржи Саем за Вработување кој ќе биде домаќин на повеќе од 80 компании, кои ќе имаат свое претставување пред граѓаните. Како што наведуваат организаторите на Саемот, Агенција за вработување на Република Македонија, на овој начин ќе се помогне при доближувањето на компаниите до граѓаните.

Идејата е да се овозможи полесна достапност до  информации за слободните работни места, а саемот се најавува и како добра можност за младите да ја разгледаат побарувачката на кадар и професии кои се посакувани на пазарот на труд, а во насока на нивно побрзо вработување по завршувањето на образованието.

„Саемот ќе биде поделен на сектори според дејноста на компаниите, со цел полесна навигација, според личните преференци, на посетителите. Дополнително, на влезот на Саемот ќе бидат поставени кутии за резимеa, каде посетителите ќе можат да ги оставаат своите CV-a.”, појаснува Влатко Поповски, директор на Агенција за вработување кој апелира до сите оние кои активно бараат работа и се невработени, да го посетат овој Саем.

Освен вообичаеното претставување на компаниите, во текот на Саемот се најавува нов концепт преку таканаречените „бизнис кафулиња”, каде работодавците ќе можат одблизу да се запознаат со потенцијалните кандидати за вработување, во неформална атмосфера. Саемот ќе биде отворен од 10 до 17 часот.