Саем за Високо Образование во САД – и годинава во Македонија

Македонија и годинава е една од земјите во кои ќе се одржува Саемот за високо образование во САД. Настанoт ќе се случува на 12 април, во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје од 17:00 до 20:00 часот, во организација на EducationUSA Македонија и Амбасадата на САД во земјава.

Четиринаесет претставници на американски колеџи и универзитети ќе ги посетат Љубљана, Загреб, Сараево, Подгорица, Белград, Скопје и Приштина, како дел од Југоисточноевропската тура која се организира по третпат, по огромниот успех во 2014 кога турата привлече над 2 000 посетители. Претставниците на високообразовните институции кои ќе се претстават на Саемот во Скопје ќе одговараат на прашања за нивните академски програми за додипломски и постдипломски студии, како и за можностите за стипендии и финансиска помош.

Учеството на Саемот е бесплатно, но регистрацијата е потребна поради понатамошна комуникација со потенцијалните студенти, како и за увид за бројот и интересите на заинтересираните посетители.

Повеќе информации за регистрација на овој Саем можете да најдете овде.

EducationUSA претставува мрежа на повеќе од 400 центри за советување во 170 држави во светот, поддржани од Бирото за образование и култура на Стејт департментот на САД, чија цел е поттикнување на меѓусебно разбирање помеѓу граѓаните на САД и граѓаните на другите држави.