Саем за кариера во Битола

Младински културен центар – Битола и Инфо Клубот – Битола организираат Саем на кариера во просториите на Правен факултет во Битола на 1 декември (четврток) од 12 до 15 часот.

Саемот ќе им обезбеди простор на младите индивидуалци да ја пронајдат својата работна позиција за која сонуваат, а има за цел да им помогне и на стартап компаниите да го прошират својот тим со млади таленти кои ќе придонесат за развојот на компанијата.

„Не е важно дали си студент, дали си надвор од образовен процес или дури и ако си вработен на работна позиција која не ги задоволува твоите амбиции и не се поклопува со твоите соништа, овој настан е можност да се инспирираш, мотивираш и да се приклучиш кон тимови кои брзо растат, се развиваат и унапредуваат. Овој настан ти е можност да влезиш во активен едукативен процес чија основа е креативноста и иновативноста. Овој настан може и да те инспирира да започниш свој бизнис“, се вели во поканата за настанот.

Ова е прв ваков настан во Битола и како што забележуваат организаторите, тој е одлична прилика за младите, ако се земе предвид фактот дека 70 отсто од работните позиции во светот се пополнуваат преку препораки и контакти, а 80 отсто од работните позиции не се рекламираат.

Настанот вклучува штандовска презентација на компании кои нудат слободни работни места, кратки презентации од претставници на иновативни бизниси од Македонија, можност за посетителите да се запознаат и да разменат контакти со наши најдобри tech и стартап компании.  Дел од настанот се и интерактивни инспиративни и едукативни работилници за мотивација на млади да започнат сопствен бизнис.

Настанот е во рамките на регионалната платформа YOUSEE за социјални иновации за намалување на младинската невработеност во соработка со Инфо клубот Битола и е бесплатен.