На плоштад „Гоце Делчев“ (тревна површина пред Центар за Култура – Битола) на 6 септември (петок) од 10 до 18 часот по втор пат се организира саемот за иновации и креации под наслов „Bitola Mini Maker Faire“.
„Maker Faire е најголемото изложбено шоу во светот. Тоа е место каде луѓето можат да го покажат она што го направиле и да го споделат она што го научиле. Делумно саем за наука, делумно панаѓур, а дел нешто комплетно ново за сите генерации, Maker Faire е собир на вљубеници во технологијата, креативци, изработувачи, учители, професори, иновативци, луѓе со хоби од оваа сфера, инжењери, научни клубови, автори, уметници, студенти и комерцијални изложувачи. Целта на Maker Faire е да овозможои забава, да информира, да поврзува луѓе и да го зголеми тој круг на Maker движењето“, соопштува Американско катче Битола.
Во 2018 година, Американските катчиња заедно со Амбасадата на САД во Скопје го организираа првиот Bitola Mini Maker Faire со околу 2000 посетители.
„Во 2019 година, ова глобално движење на иноватори, креативци, уметници, научници и вљубеници во технологијата беше достапно за посетители на следниот Mini Maker Faire во Скопје, со посетеност од над 3.000 регистрирани билети. Оваа година го очекуваме истиот успех на посетеност и креативност“, се вели во соопштението за саемот.Настанот е организиран од Американските катчиња во Северна Македонија и Амбасадата на САД во Скопје, а со поддршка од Општина Битола.