Саем на мали бизниси од Североисточниот регион во Јавна соба

Саемот на мали бизниси од Североисточниот регион на Македонија се отвора денеска (15 јуни) напладне, во центарот Јавна Соба.

Производители од Куманово, Кратово, Крива Паланка, Старо Нагоричане, Липково и Ранковце ќе изложуваат и продаваат нови производи карактеристични за регионот – автентични локални вина, суџук, сирења, кашкавали, мед, тестенини, зачини, накит и облека, и туристички дестинации.

Влезот е слободен, а саемот ќе трае два дена. Специјален гостин е кулинарот Марк де Јонг, кој во среда од 18 часот ќе состави и презентира нова мени карта со кумановски специјалитети.

„Ова е феноменален предел кој изобилува со врвни локални продукти и специјалитети. Домашната и странската публика се навиканати на овие вкусови. Јас ќе ја заобиколам традицијата и се обидам да ги приготвам познатите јадења на најсовремен начин преку обогатување со локални зачини кои ги имаат во изобилие, но и ќе го променам начинот на сервирање“, вели Марк де Јонг.

Зачини - кумановско

Како финален производ на овој кулинарски зафат кој е достапен за сите посетители, Македонија ќе добие една автентична мени карта со кумановски специјалитети која ќе биде споделена со ХОРЕКА објекти (хотели, ресторани, меани) од регионот.

Саемот на мали бизниси од североисточен регион е организиран од локалните акциони групи Абер 2015 и Особовски Лисец во партнерство со Јавна Соба и со поддршка од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија.