Саем, дискусии, работилници – Станица:Студентска во Јавна соба

Четвртото издание на настанот посветен на студентите Станица:Студентска ќе се одржи на 30 март од 11 до 18 часот во Јавна соба. Со целодневната агенда настанот има цел да ги промовира активностите на студентите, студентските организации и студентските иницијативи, како и да го унапреди младинското здружување и дејствување. Организиран од Младинскиот образовен форум, настанот е можност за студентите да ги споделат своите знаења со своите колеги и да го зголемат своето познавање во различни области.

Саемот на студентски организаци, oтворените работилници на студентските организации, студенти и членови на академската заедница, медиумскиот хаб и интерактивниот простор за учење се замо дел од годинешната понуда на Станица:Студентска. Планирани се и две изложби, првата на фотографии од студентски протести и иницијативи од Македонија, а втората е изложба за јавните набавки на УКИМ.

Со почеток во 12 часот е најавена трибина за промоција на истражување за перцепцијата на младите во Скопје за дискриминацијата на ЛГБТ популацијата.

Во рамки на настанот се предвидени повеќе предавања. „Биоиндикатори“ е насловено предавањето на Истражувачко друштво на студенти биолози-ИДСБ, Психеско,  првото македонско здружение на студенти по психологија ќе предава за „Учење, помнење и мнемонички техники“, ЕМСА за „Запирање на процесот на стареење кај човекот“, а Студентски Пленум за „Суштината и функцијата на образованието во либерално и демократско општество“. Дипломираниот инженер по биологија Дафина Клековска ќе има предавање на тема: „Форензичка ентомологија“, Македонско студентско етнолошко – антрополошко друштво – МСЕАД: „Антропологија и јас“, додека Македонското друштво на студенти физичари: ќе говори на темата „Патување на светлината.“

Веќе е затворен повикот за учество на трите работилници кои во рамки на Станица:Студентска ќе се одржат во Јавна соба. На работилницата за индустриски дизајн учесниците преку практична работа ќе се обидат да изработат продукт од различни материјали. Мини ЕВЕС со BEST Skopje е шанса за сите креативци, дизајнери и пронаоѓачи да најдат креативно решение на некој проблем, додека медиумската работилница ќе ги следи сите случувања на настанот и ќе известува за нив.

Целата програма на Станица:Студентска 4.0. може да се прегледа на Фејсбук или во посебната секција на Радио МОФ.