САД официјално се вратиja во Парискиот климатски договор

Соединетите Американски Држави денеска повторно се приклучија на Парискиот климатски договор, засилувајќи ја глобалната борба против климатските промени, бидејќи администрацијата на претседателот Џо Бајден планира драстично да ги намали емисиите на стакленички гасови во следните три децении, јавува „Ал Џазира Балканс“.

Научниците и странските дипломати го поздравија враќањето на САД во договорот, кој стана официјален 30 дена откако Бајден донесе наредба за тоа, уште на првиот ден од неговиот мандат.

Речиси 200 земји го имаат потпишано договорот од 2015 година, со цел да се спречат катастрофалните климатски промени, а САД беа единствената земја која се повлече од договорот. Таквиот чекор го презеде поранешниот претседател Доналд Трамп, тврдејќи дека климатската акција би била прескапа.

Американскиот посредник за климата Џон Кери ќе присуствува на виртуелните настани кои се закажани за денеска, со кои ќе се одбележи враќањето на САД во договорот.

Претседателот Бајден вети дека ќе зацрта пат до нето нула емисии во САД до 2050 година. Научниците веруваат дека целта е во согласност со потребното и посочуваат дека глобалните емисии мора да паднат за половина до 2030 година, за да се спречат најразорните ефекти од глобалното затоплување.