САД го надминаа прагот од 500.000 починати од Ковид-19

Американскиот претседател Џо Бајден вчера ги предводеше Американците на комеморацијата на жртвите од пандемијата со Ковид-19, во моментот кога земјата го премина тажниот праг од 500.000 починати од Ковид-19 и ги повика граѓаните да ги заборават разликите и заедно да се борат против пандемијата, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

„Денес одбележуваме навистина мрачна пресвртница која ги крши срцата – 500.071 починат. Повеќе Американци починаа во пандемијава во една година, отколку вкупно заедно во Првата светска војна, Втората светска војна и војната во Виетнам“, рече Бајден.

Бајден, потпретседателката Камала Харис, првата дама Џил Бајден и вториот господин Даг Емхоф по обраќањето на претседателот, одржаа едноминутен молк пред Белата куќа, стоејќи опкружени со бројни запалени свечи.

Претседателот ги повика Американците да останат внимателни и да продолжат да носат маски, да одржуваат физичка дистанца и да ја примат вакцината кога ќе дојде нивниот ред.

Бразил е втората земја со најмногу починати лица од Ковид-19 во светот, односно повеќе од 247.000 смртни случаи. По Бразил следи Мексико каде починале повеќе од 180.000 лица и Индија каде починале над 156.000 лица.

Во светот досега од Ковид-19 починале повеќе 2 милиони и 487 илјади луѓе, додека со вирусот се заразиле над 112 милиони луѓе.