САД го добија првиот ЛГБТ национален споменик

Барот Стоунвол Ин во градот Њујорк од денес е првиот национален споменик во чест на ЛГБТ правата во Соединетите Американски Држави.

Претседателот на САД, Барак Обама, свечено го прогласи локалот за споменик во петокот, велејќи дека верува дека „националните обележја треба да ја одразуваат комплетната приказна на земјата“.

Во видео направено во чест на настанот, Обама раскажува кратка историја на Стоунвол Ин, објаснувајќи зошто е значаен за американската историја.

„Една ноќ, полицијата влезе во барот и почна да ги апси присутните“, чита Обама во видеото, зборувајќи за 28 јуни, 1969 година. „Ваквите рации не беа ништо ново, но овој пат на посетителите им било доста, па почнаа да се бунат. Бунтовите станаа протести. Протестите станаа движење. Движењето, со тек на времето, стана интегрален дел од Америка“.

Во споменикот ќе бидат вклучени и блискиот Кристофер парк и околната област, каде претежно и се случувале протестите за ЛГБТ права, пренесува Mashable.